Еве кој ќе го советува Љутков – формиран Советот за култура


Во Порта Македонија вчера се одржа конститутивна седница на Советот за култура, стручно и советодавно тело на министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Членови на Советот за култура се: проф. д-р Ганка Цветанова, проф. академик Вера Битракова-Грозданова, проф. Атила Клинче, проф. Андријана Јаневска, оперскиот првенец Игор Дурловски, проф. Рефет Абази, проф. д-р Јован Донев, м-р Дејан Пројковски, проф. Антони Мазневски, Сузана Спасовска – пејач солист првенец, режисерот Сашко Мицевски и писателот Блаже Миневски.

 На првата конститутивна седница, министерот Љутков се заблагодари за присуството и за посветеноста да бидат дел од оваа значајна и одговорна работа, истакнувајќи дека ова тело ќе има клучна улога во обликувањето на културната политика на нашата земја.

 „Денешнава седница претставува важен момент не само за Министерството, туку и за целата културна сцена на нашата земја, бидејќи вашата улога не е само советодавна, туку и стратешка, зашто вашите препораки и иницијативи ќе бидат основа за важни одлуки кои ќе влијаат врз обликувањето на културните процеси во земјава. Од вашите забелешки, анализи, препораки и сугестии ќе зависат многубројни одлуки и затоа сум убеден дека Советот ќе биде основен столб за трансформација на културата, како и за препознавање и вреднување на нашето културно наследство“, рече министерот Љутков.

 Членовите на Советот се од редот на истакнати уметници, стручни лица од областа на културата и лица од јавниот и општествениот живот.

 Според Законот за култура, улогата на Советот е да му дава мислења на министерот за култура во врска со прашања од неговата законска надлежност.

„Како што е транспарентен целиот процес, и објавувањето на годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес и критериумите што ги бараме, така одлучивме да ги објавиме и членовите на комисиите за оценување на пријавите. Сите членови се врвни професионалци во својата област, посочи денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на новинарско прашање.

Тој за време на неговата посета на Кинотека на Северна Македонија, одговорајќи на новинарско прашање, потенцираше дека имал состанок со членовите на комисиите, при што им било кажано дека ќе бидат изложени на одредени притисоци, но колку е поголема транспарентноста, толку ќе бидат помали притисоците.

– Бидејќи целиот процес е транспарентен, решивме да ги објавиме и членовите на комисиите, бидејќи тоа се и забелешките на Државниот завод за ревизија. На состанокот на сите им беше посочено дека можеби ќе бидат изложени на некакви притисоци. Што повеќе сме транспарентни, што повеќе сме отворени и независни во одлуките и имаме конкретни критериуми и точно знаеме што правиме, тогаш притисоците ќе бидат помали. После разговорот гледам никој не се откажа, никој немаше ништо против. Се надевам дека се ќе тече во најдобар ред. Ние сме тука како Министерство да ги заштитиме бидејќи тоа се врвни професионалци, рече Љутков.