Евакуирани се 2.700 лица поради пожарот во Мартиг на југот од Франција

Франција – Силниот пожар кај Мартиг на југот од Франција на Азурниот брег сè уште е активен. По ноќната борба против пламенот, пожарникарите сепак успеале да го контролираат напредокот на пожарот, јави дописникот на МИА од Париз.

Во раните утрински часови, два канадери повторно започнаа со ротациии, прекинати во текот на ноќта, за да им помогнат на копнените екипи да го стават пожарот под контрола.

„Изутринава 1.400 пожарникари се уште се мобилизирани“, се вели во соопштението на противпожарната служба  на Буш-ди-Рон, која додава дека нема сериозни повредени при пожарот.

Спасувачките екипи евакуираа околу 2.700 лица, од кои 468 преку море. Полицијата спаси стотици луѓе кои биле во опасна ситуација, на плажата на Тамарис, меѓу кои имало и мали деца, посочија службите.

Утрово, три брода сè уште се ставени на располагање, доколку се потребни нови  евакуации, рече Кристин Рибес, портпарол на поморскиот префект за Медитеранот.