Евакуирани аеродромите во Франција поради закани за бомби


Неколку француски аеродроми денеска повторно се евакуирани по нови закани за бомби, пренесува Фигаро.

Летовите се пренасочени и се очекуваат значителни доцнења во текот на денот, а на аеродромите ќе има полиција и контрадиверзантски екипи.

Во четвртокот, 17 аеродроми во Франција добија дојави за бомба, што доведе до евакуација на 15 аеродроми, откажување на 130 летови и многу доцнења, изјави францускиот министер за транспорт Клеман Бон. Тој предупреди дека лажните пријави не се шега, туку криминални дела.

Француската влада се закани со затвор и високи парични казни за оние кои испраќаат закани за бомби, а властите се сомневаат дека можеби се одговорни млади луѓе и деца, пренесе АП. Според францускиот закон, ваквите повици се казнуваат со затвор до три години и парична казна од 45.000 евра.

Франција ја подигна безбедноста на највисоко ниво од петокот вечерта, откако наставник беше убиен во училиште во францускиот град Арас, а главен осомничен е Мохамед М., кој претходно се заколна на верност на Исламската држава.