Евакуиран и скопскиот аеродром


Фото: Б. Грданоски

На електронските адреси на 10 училишта во Скопје и четири во Прилеп, како и на Меѓународниот аеродром „Скопје“, претпладнево пристигнале закани за поставени експлозивни направи, информира МВР.

– Денеска до 09.30 часот пријавено е дека на електронските адреси на 10 училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Исто така, добиена е закана и во четири училишта во Прилеп, се наведува во соопштенито.

Од МВР посочуваат дека веднаш по добиените пријави, полициски службеници презеле мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки, а се преземаат мерки за расчистување на случаите.

– Исто така, добиена е пријава за испратена закана и до аеродромот во Скопје, каде исто така, во тек се антитерористички проверки, посочуваат од полицијата.

Меѓу скопските училишта каде се вршеле безбедносни проверки се гимназиите „орце Николов„, „Јосип Броз Тито“ и „Никола Карев“ и Електротехничкото средно училиште „Михајло Пупин“. Минатата недела четири дена имаше дојави за поставени бомби во повеќе училишта во Скопје, како и во четири во Прилеп и во две училишта во Куманово.

По спроведените проверки МВР утврди дека сите дојави биле лажни.