Еуростандард банка – први поитаа шедачите со поголеми износи (фото)


Во четирите банки кои вчера почнаа да ги исплаќаат депозитите на граѓаните кои штеделе или биле клиенти во Еуростандард банка, парите ги подигнале од 300 до 500 лица по банка. Според процените на банкарите тоа значи дека над 1.500 граѓани вчера се обратиле во некоја од четирите банки (Стопанска банка Скопје, Комерцијална банка, НЛБ банка и Халк банк) преку кои се одвива исплатата на оние кои имале до 30.000 евра во Еуростандард банка во стечај.

За сега нема збирен податок колку точно средства вчера биле исплатени бидејќи банките треба да прават пресек на секои десет дена и тие податоци да ги достават до Фондот за осигурување депозити, кој ги обезбедува средствата. Неофицијално, се претпоставува дека вчера биле исплатени околу 4-5 милиони евра, од вкупно околу 70 колку што изнесуваат сите побарувања на оние кои имале депозити до 30.000 евра во Еуростандард банкаа во стечај.

Инаку, како што велат од банкарската асоцијација, според информации од банките, меѓу оние кои вчера на првиот ден од исплатата побрзале да ги подигнат депозитите, доминирале лица кои имале поголеми заштеди.

Анкетите кои ги направија некои од телевизиите покажуваат дека нема нервоза меѓу штедачите и дека тие очекуваат целиот процес да се одвива непречено. Тие што вчера ги подигнаа парите велат дека целата постапка се одвивала брзо.

Банкарите информираат дека според постојните законски прописи исплатата до 5.000 денари може да се изврши во готово, а над тој износ преку трансакциска сметка која автоматски се отвора во банката. Но, на самите граѓани останува да решат што ќе прават со нивните пари потоа – дали ќе ги остават во банката, ќе ги префрлат на сметка во друга банка или нешто друго.

Инаку, како што претходно известија од ФОД, во банките преку кои се исплаќаат побарувањата од Еуростандард банка во стечај, парите ќе можат да се подигнат во период од три години. Потоа, побарувањето на штедачите не застарува, но по изминување на тој период тие ќе можат своите заштеди да ги подигнат директно преку Фондот.