Орбан со нова победа, води со 56 отсто од гласовите

Освоивме победа, толку голема што можете да ја видите од Месечината, a сигурно можете да ја видите од Брисел, рече Орбан во победничкиот говор


По пребројувањето на повеќе од половина од гласовите на унгарските парламентарни избори владеачката партија на премиерот Виктор Орбан, Фидес, води со 56 отсто, што е  сигнал дека проблематичниот лидер во  ЕУ  е уште пред една победа која ќе му обезбеди четврти мандат на чело на унгарската влада. 

Второпласирана е опозициската коалиција на Петер Марки Зеј која, според овие прелиминарни резултати, освоила 33 отсто од гласовите. Коалицијата Обединети за Унгарија обединува шест опозициски партии со широк политички спектар – од либералите, преку центарот, до десното крило кои ги здружија силите за да ја соборат десничарската Фидес.

 Орбан по првичните резултати одржа говор пред приврзаниците и егзалтирано им порача :

„Освоивме победа, толку голема што можете да ја видите од Месечината, но сигурно можете да ја видите од Брисел“, рече тој.

„Не плашете се, издржете се, татковината е со вас“, рече Орбан. Орбан рутински е во судир со Брисел околу репресијата врз независните медиуми и  усвојувањето на анти-ЛГБТК политики. Со одредена доза на ликување и надменост тој  се пофали дека победил со неговата партија иако сите се обединиле да го поразат.  

„Како се случи тоа да победиме кога сите беа обединети против нас? “- рече тој праќајќи реторички поздрав до шесте опозициски партии кои се обединија под еден лидер со надеж дека ќе добијат доволно гласови за да го соборат.

Тој исто така рече дека оваа победа ќе биде запаметена и затоа што морале да се соочат со најголемиот „против ветер“, а меѓу неговите „непријатели“ го вброи и  украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Со овој процент на освоени гласови Фидес ќе има 134 пратеници, Обединети за Унгарија 58 пратеници, а третата партија Движење на нашата татковина – 7 пратеници. Ако остане овој резултат, Фидес ќе има посилна позиција од таа по изборите во 2018 година, кога освои 49, 27 отсто. Во 2010, 2014 и 2018 година  Орбан освои двотретинско мнозинство во парламентот. Целосниот официјален резултат ќе биде познат дури во текот на неделата, по пребројувањето на стотиците илјади гласови од гласачите од дијаспората.

Излезноста до 18.30 часот на парламентарните избори во Унгарија била 67,06 отсто. 

Уште еден „мини Путин“, како што ги  нарекоа некои западни медиуми Виктор Орбан и Александар Вучиќ, лидерот на Српската народна странка во Србија, води според Еуроњуз со  51, 7  отсто од гласовите иако до девет часот во Србија се уште не беше завршено гласањето.