„Еуроникел Индустри“ најавува рестартирање на производството, се обезбедуваат суровини


 

Во погоните на „Еуроникел Индустри“ се финализира целосната имплементација на производните процеси со што системот се рестартира и наскоро производниот процес ќе се одвива непречено, соопштија од компанијата.

„’Еуроникел Индустри’ ќе продолжи со производство според расположливите капацитети“, се вели во соопштението до медиумите.

Од компанијата посочуваат дека менаџментот и управата оствариле средба со претставниците на синдикалната организација, при што ги запознале со моменталните процеси во компанијата и сукцесивното враќање кон целосна оперативност.

„Постигнато е обострано разбирање за осетливоста на ситуацијата и последиците предизвикани од условите за работа во изминатава година“, велат од „Еуроникел“.

Во соопштението се додава дека веќе извесен период се работи на обезбедување на неопходните материјали и суровини што се потребни за повторно започнување на производниот процес.

Долгиот застој во производството и екстремните цени на електричната енергија, оставија последици врз работата на компанијата за што е потребно време за повторна оперативност со максимален капацитет.

„Во досегашното работење ‘Еуроникел Индустри’ секогаш ги имаше како приоритет своите вработени и добавувачи и на секој можен начин обезбедуваше средства за исплата на плати дури и кога компанијата не работеше и немаше приходи. Обезбедување егзистенција и работа за вработените и за добавувачите останува во фокусот на ‘Еуроникел Индустри’ и во следниот период“, се вели во соопштението до медиумите.