„Еуромани“ продаден за 1,9 милијарди долари, новите сопственици го делат на две компании


Британската медиумска куќа „Еуромани“, која е специјализирана за финансиски вести и деловни информации, ја прифати понудата да биде продадена на конзорциум од приватни инвестициски фондови за околу 1,6 милијарди фунти (1,9 милијарди долари).
Инвеститорите на „Еуромани“ ќе добијат 14,61 фунти по акција од приватниот инвестициски фонд „Асторг Асет Менаџмент Сарл“ со седиште во Луксембург и британската компанија „Епирис“, објавено е денеска во заедничкото соопштение на тие компании, пренесува „Блумберг“.
Договорената сума претставува премија од 34 отсто во однос на цената на акциите на „Еуромани“ заклучно со 17 јуни, ден пред за прв пат да се открие дека преговорите се во тек.

Компаниите купувачи ќе го поделат „Еуромани“ на две компании, при што организациониот дел Fastmarkets, кој се занимава со податоци за цените на стоките, ќе стане независна единица во сопственост на „Асторг“, додека преостанатите компании на британската медиумска компанија ќе бидат под мнозинска контрола на „Епирис“, според соопштението.

„Еуромани“, со седиште во Лондон, работи на принципот на претплата и продажба на своите услуги и публикации на финансиски професионалци, а се занимава и со организација на деловни настани.

Акционерите на „Еуромани“ на генералното собрание ќе гласаат за одобрување на овој договор, а се очекува преземањето да заврши во четвртиот квартал.

Акциите на „Еуромани“ пораснаа за 8,9 отсто на 14,46 фунти на почетокот на денешното тргување на Лондонската берза.