„Еуромакс“ тврди дека за спојувањето на концесиите имало записник уште во 2016 година


 

Компанијата „Еуромакс ресоурцес“ преку соопштение вели дека по решението на управните судови по барањето за спојување на концесиите за двата рудници во Струмичко Владата има облигаторна обврска да постапи пред да преземе било какво друго дејствие. Компанијата го доставува и правното мислење на Адвокатско друштво „Бона фиде“, коешто е застапник на „Еуромакс ресоурцес“ во процесите пред управните судови:

Воп тоа правно мислење стои:

„Друштвото за производство, промет и услуги ‘Еуромакс ресоурцес“во јануари 2016 година, согласно член 61 од Законот за минерални суровини, има поднесено Барање за спојување на концесиите за проектот ‘Иловица-Штука’.

Според истиот Закон, одлука за спојување на концесиите донесува Владата по добивање на образложен предлог од Министерството за економија кое е должно да направи увид на локалитетот и да изготви записник.

По барањето на ‘Еуромакс ресоурцес’ за спојување на концесиите, Министерството за економија направило увид и изготвило записник за извршен теренски увид уште во февруари 2016 година. Според записникот, постапката за спојување на концесиите може да продолжи со оглед дека не постојат правни и фактички пречки. Врз основа на извршениот увид и изготвениот записник, Министерството за економија, во неколку наврати поднесува до Владата предлог за одобрување на барањето на ‘Еуромакс’ за спојување на концесиите со образложение дека сите правни и технички услови се исполнети.

Ниту една од владите од 2016 година до јули 2023 година нема донесено одлука по конкретното барање поради што ‘Еуромакс ресоурцес’ побара правна заштита во управен спор“.