„Еуромакс“ се потпира врз клучниот акционер, компанијата „Трафигура“, за рудникот Иловица
Компанијата „Еуромакс ресоурцес“ соопштува дека една од водечките светски компании во рударската индустрија Групацијата „Трафигура“ се јавува како покровител на инвестицијата во рудникот Иловица. „Трафигура“ се занимава и со трговија со метали и други суровини. Оваа компанија е еден од клучните акционери во „Еуромакс“, која во Македонија ги застапува правата кои произлегуваат за рударските концесии во Иловица.
„Трафигура“ е мултинационална компанија со регионални центри на повеќе континенти. Главното седиште за Европа е во Женева, Швајцарија, а потоа следуваат и Хјустон, САД, како и Монтевидео за Јужна Америка, но и Мумбаи во Индија. Компанијата, освен со метали, се занимава и со енергенси, а е основана во 1993 година. Набрзо прераснува во компанија која има клучни сопственички удели во изградбата и активностите на голем број рудници, топилници, нафтоводи, пристаништа и терминали за складирање во светот. Паралелно „Трафигура“ се наметнува и како најголемиот приватен трговец со метали во светот и втор по големина трговец со нафта, која опстојува во економиите на 36 земји, со отворени преку 65 канцеларии.
„Еуромакс“ соопштува дека во портфолиото на компанијата е истакнато дека тие „најмногу инвестираат во решенија кои придонесуваат за производство на зелена енергија, која п е најпотребна за енергетската транзиција со нула емисии на јаглерод“. Оттаму велат дека за постигнување на своите цели, инвестирале во повеќе компании и проекти. Меѓу нив се „Пума енерџи“, која контролира пренос на горива, како и „Импала терминали“, која се занимава со складирање на стоки и логистика. Третата покрупна инвестиција е во „Nyrstar“, меѓународен производител на метали и минерали неопходни за постигнување на енергетската транзиција.
Од „Еуромакс“ неодамна соопштија дека правните можности за покренување меѓународната арбитража против државата произлегуваат од билатералната спогодба за заштита на инвестиции меѓу Македонија и Швајцарија, потпишана уште во 1996-тата година.