Еурофарм Работник со пораз во Битола од Мешков Брест во СЕХА Лигата


Ракометарите на Еурофарм Работник уште еднаш поразени и со наведнати глави ја напуштија спортската сала „Боро Чурлевски“. Вечерва во Битола подобар од нив беше тимот на Мешков Брест со 32:35 (17:18).

Битолчани во текот на 60 минути само во 26 минута имаа нерешен резултат 14:14, додека во останатиот дел од средбата гостинскиот тим кој настапи со комбиниран состав беше во водство, во еден период и со пет голови предност, а на крајот и заслужено победи.

Шансата за евентуално изненадување пропадна во 44 минута од натпреварот кога се повреди домашниот бек Невен Стјепановиќ и пред време го заврши натпреварот, а домашните безидејно продолжија до последниот свиреж на судиите Милошевиќ и Губица од Хрватска кои не беа на висина на задачата.

Најефикасен кај гостите беше Валиупау кој постигна 13 голови, додека кај домашниот тим се истакна Јотиќ кој постигна 8 гола.

– Се срамам како игравме пред нашата публика. Немавме решенија за ништо, бевме во грч, слаби во одбраната и во нападот. Мора да направиме брза анализа и да ја подобриме играта ако сакаме подобар успех во СЕХА лигата, изјави по натпреварот битолскиот ракометар Ловро Јотиќ.