Еурофарм испушти победа и во Шпанија: Трет минимален пораз во ЛШ


Еурофарм Работник го доживеа и третиот пораз во третиот натпревар од Лигата на шампионите. Македонскиот вицешампион го имаше шпанскиот вицепрвак Бидасоа во раце, но на крајот ја испушти победата (26-25).

Битолчани водеа со 14-11 на полувреме во Шпанија, во вториот дел имаа и 16-12, но тогаш почна пресвртот што доведе до егал од 20-20. Психолошкиот момент беше на страната на домаќините. Тие поведоа со 24-21 и на крајот ја забележаа третата победа во групата Ц.

Украинецот Остроушенко со девет погодоци беше најефикасен во македонскиот состав, а Новела стрелаше осум пати успешно во редовите на шпанскиот тим.

Интересно, Еурофарм го претрпе и третиот минимален пораз по оние против Савехов и Спортинг.

Тренерот Стевче Алушовски иронично прокоментира дека доколку се играше само едно полувреме, Еурофарм ќе имаше три победи.

Во среда, битолчани го пречекуваат силниот Веспрем во рамките на СЕХА лигата, а во Лигата на шампионите следува двонеделна пауза. На 13 октомври, во Битола гостува финскиот Кокс и тоа ќе биде шанса да се оствари историската прва победа за Еурофарм во најелитното ракометно клупско натпреварување.