„Еуро прогрес“ незаконски ископувал песок и чакал – да престане со работа блокот Б


Државниот инспекторат за животна средина на ден 21.01.2021 година изврши координиран инспекциски надзор со Државниот инспекторат за техничка инспекција над правниот субјект „ЕУРО ПРОГРЕС“ ДООЕЛ во с.Долно Коњаре, општина Петровец.

Утврдено е дека правното лице ископува песок и чакал согласно Договор за концесија за експлоатација на минерална суровина – песок и чакал издадена во 2010, односно 2014 година и Дозволи за експлоатација издадени во 2011 (за блок А), односно 2019 година (за Блок Б). 

„По утврдување на фактичката состојба при посетата на терен, доставен е допис до Управата за хидрометеоролошки работи заради добивање дополнителни информации. Имено, со дописот е побарано да се изврши проверка на усогласеноста со одредбата од Договорот за концесија со која се забранува експлоатацијата на минерална суровина да се врши во крајбрежниот појас во широчина од 50 метри зад линијата на допирање на педесетгодишната вода“, рече Ана Петровска, директорка на ДИЖС. 

Управата за хидрометеоролошки работи доставила прелиминарни податоци за положбата на котата на педесетгодиишните води, која навлегува длабоко во концесиското поле.

„Од одговорот на Управата, со голема веројатност може да се заклучи дека концесијата е издадена спротивно на Законот за води, односно дека границите на концесијата се во зоната на плавење на реката Пчиња, што впрочем можеше да се види и на терен“, додаде Петровска. 

Појасни дека за да имаат правна важност, овие податоци ќе треба да се потврдат со дополнителни мерења и вештачења, кои што ќе се реализираат во натамошната инспекциска постапка, но не очекува да има разлики помеѓу овој прелиминарен наод и натамошните подетални истражувања. 

Утврдена е уште една недоследност при доделувањето на Дозволата за експлоатација во 2019 година. Оваа Дозвола е издадена врз основа на одобрен Елаборат за заштита на животната средина со Решение од 2010 година, кој е изработен согласно Правилник за формата и содржината на Елаборати од 2009 година, и покрај тоа што во 2014 година е донесен нов Правилник. Како одговор на допис од Инспекторатот, Управата за животна средина потврди дека за постапки за доделување одобренија и дозволи после 2014 година се применува Правилникот од 2014 година. Очигледно е направен пропуст во постапката, имајќи предвид дека Дозволата за експлоатација (за Блок Б) е издадена во 2019 година, а Елаборатот на кој се повикува оваа Дозвола е од 2010 година, односно не го применува важечкиот нов Правилник.

„Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи со собирање докази, со цел преиспитување на Договорот за концесија, односно Дозволите за експлоатација. Во меѓувреме, ќе го известиме Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање за индициите околу прекршувањето на Законот за води. Исто така, имајќи предвид дека Елаборатот за заштита на животната средина за Блок Б од концесиското поле не е усогласен со важечкиот Правилник и истиот не содржи Програма за заштита на животната средина со конкретни мерки, ќе побараме да се изработи нов Елаборат. Додека да се изработи и одобри Елаборатот, ќе побараме од Државната техничка инспекција да наложи прекин на работите на Блокот Б“, рече Петровска. 

Понатаму, а врз основа на прибраните докази, Министерството за економија е надлежно да предложи на Владата да го раскине Договорот за концесија.

Вицепремиерот Љупчо Николовски посочи дека како координатор на инспекциските служби, детално е запознат со случајот од страна на ресорното министерство и надлежниот инспекторатот, се во постојна комуникација и координација, со цел детално да се истражи случајот и да се постапи согласно законите и правилниците.

„Законите мора да се почитуваат, никој не е над законот, мора да има ред и дисциплина, особено кога се работи за нешто што влијае врз загрозување животната средина и крајно врз безбедноста и здравјето на граѓаните.  Заштитата на животната средина и условите за живот во секој регион од нашата држава е врвен приоритет на Владата. Борбата за заштита на животната средина е заедничка, и нема компромис за секој оној којшто ќе влијае врз загрозување на животната средина и на условите за живот. Нема ништо поважно од граѓаните да имаат достојни и безбедни услови за живот, да живеат во чиста и здрава животна средина“, изјави Николовски.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, истакна дека Министерството му дава целосна поддршка на Државниот инспекторат за животна средина и согласно наодите од извршените координирани инспекциски контроли чие комплетирање се очекува, ќе бидат преземени заедно со Владата потребните мерки за разрешување на случајот.

„Работиме заедно со Државниот инспекторат за животна средина на начините со кои ќе можеме соодветно да ја провериме и адресираме состојбата со водите на лице место преку инспекторите за животна средина, а соработуваме и со Техничката инспекција, која е надлежно тело за овие концесии. Оваа координирана активност помеѓу Министерствата и Инспекторатите, како и релевантните стручни лица и управи, е добар пример како треба да се работи на сите прашања во земјата, доколку сакаме да се имплементираат потребните еколошки стандарди“, изјави Нуредни.