„Еурактив“: Бугарија се обидува да ја промени тактиката кон Скопје


Владо Бучковски и Екатерина Захариева за време на вчерашната средба во Софија (Фото: МНР на Бугарија)

Бриселски „Еурактив“ пишува дека со поднесувањето на својот акциски план Бугарија се обидува да ја промени својата тактика кон Македонија и на некој начин да ја ублажи напнатоста меѓу двете земји. Министерската за надворешни работи, Екатерина Захариева, вчера на специјалниот претставник на македонската влада, Владо Бучковски, му го претставила бугарскиот акциски план за подобрување на односите во кој се вклучени повеќе министерства.

Според дипломатските извори на „Еурактив“ предлозите на Софија се поврзани со железницата, патиштата, инвестиции на бугарски компании во Македонија, но исто така и отворање на кампуси на бугарски универзитети. Во планот имало и делови за учебниците по историја.

Македонија, од своја страна, исто така предложи свој акциски план за подобрување на односите и тие два документи допрва треба да се разгледуваат од соодветните комисии на двете земји, а подоцна од заедничката меѓувладина комисија. Оваа процедура ја потврди и македонскиот министер за надворешни работи, Бујар османи, во интервјуто за Телма, но тој не можеше да каже кога би се одржала седницата на меѓувладината комисија. Македонскиот документ е исто така во насока на практично имплементирање на Договорот за добрососедство.

Во изјава за МИА од Софија, Бучковски рече дека македонската работна група „ќе ги разгледа коментарите, кои пристигнаа од Бугарија на нашиот акциски план и ќе биде изградена јасна позиција“. И тој нагласи дека „акцискиот план од наша страна содржи конкретни чекори во делот за поврзување преку Коридорот 8, соработката во образованието, во енергетиката, културата, економијата, информатичкото општество“.

Прашање е кога двете страни ќе можат да ги најдат заедничките точки во акциските планови, а потоа заради предизборите во Бугарија и пандемијата со корона вирусот, прашањето за датумот на нејзиното одржување е неизвесно.

Наспроти радикалниот став на вицепремиерот Красимир Каракачанов, кој бара Македонија да се согласи на сите бугарски услови за да биде тргната блокадата, „Еурактив“ пишува дека премиерот Бојко Борисов се обидува да звучи умерено, зборувајќи за заеднички инфраструктурни проекти во регионот. Борисов инсистира Македонија да изјави оти нема никакви претензии за постоење на македонско малцинство и територијални претензии кон Бугарија.