ЕУИПО: Во ЕУ лани запленети фалсификувани артикли во вредност од 6,3 милијарди евра
Во Европската Унија во 2025 година запленети се повеќе од 196 милиони парчиња фалсификувана артикли, што е најголема количина досега.
Запленетите фалсификувани артикли во 2025 година се за дури 67 проценти повеќе од претходната година, се наведува во извештајот на Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската унија (ЕУИПО) со седиште во Аликанте, Шпанија.
Проценетата вредност на запленетата стока е исто така рекордна, и изнесува 6,3 милијарди евра. За споредба, во 2024 година, која дотогаш го држеше рекордот, беа запленети стоки во вредност од 3,9 милијарди евра.
Меѓу запленетите стоки, најмногу се ЦД-а и ДВД-а, компјутерски програми, играчки, етикети и налепници. Цигарите и облеката исто така сочинуваат голем дел.
Најмногу фалсификувана стока доаѓа од Кина, над 40 проценти, додека Турција е на второ место со 18 отсто.
Зголемените заплените се должат на засилената борба против шверцерските групи и почестите и поуспешни контроли.
ЕУИПО предупредува дека борбата против фалсификувањето е отежната од зголемениот број на различни правци преку кои се транспортираат стоките, како и од ограничените капацитети на надлежните органи. Дополнителен проблем е растот на онлајн трговијата, бидејќи артиклите сè повеќе се доставуваат по пошта и преку бројни компании за достава, што го отежнува контролирањето.
Во извештајот се потенцира дека се потребни нови мерки, подобра соработка меѓу надлежните органи и посовремени алатки и технологии за подобра заштита на интелектуалната сопственост и европската економија.