ЕУ веќе не гарантира дека ќе има членство за балканските земји


Повеќе европски дипломати изјавиле за Ројтерс дека земјите-членки на ЕУ не можат да се договорат ни за декларацијата на самитот со Западен Балкан, а камоли да ги отворат вратите за земјите од регионот. Холандија, Данска и Франција се главни кочничари

 

БРИСЕЛ – Европската унија, плашејќи се од политички реакции во земјите-членки, повеќе не може да се согласи да им даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји, откако еднаш ветија место во клубот, според четворица дипломати и внатрешен документ.

Застој во декларацијата за самитот на лидерите на ЕУ и Балканот на 6 октомври е ниска точка во стратегијата на ЕУ да ги вклучи во блокот Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија. Тоа се совпаѓа со разгорување на тензиите на границата Косово-Србија.

На самитот ЕУ планираше да го повтори ветувањето дадено пред 18 години за да ја даде „својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан“, според нацрт-декларацијата на самитот од 11 септември, видена од Ројтерс. Но поминаѐ најмалку две рунди преговори без договор, рекоа дипломатите.

Државите на ЕУ нема да ги откријат своите позиции, но богатите северни земји како Данска, Франција и Холандија се плашат од повторување на брзото пристапување на Романија и Бугарија во 2007 година и од лошо управуваната миграција на работниците од Источна Европа во Британија што сврте многу Британци против ЕУ.

Бугарија е против приклучување на Северна Македонија поради спор околу јазикот.

Парализа на планот на ЕУ

Дури и ако конечно се договори некој вординг, лошата состојба ја одразува парализата во планот на ЕУ да изгради „прстен на пријатели“ од Украина до Тунис, нудејќи поблиски врски, трговија и помош.

Наместо тоа, Кина и Русија посегнуваат по инвестиции и влијание. Во јануари, Србија беше првата европска земја што прими кинески вакцини против Ковид-19 за масовна инокулација.

ЕУ, исто така, индиректно ги заострува тензиите во регионот од 20 милиони луѓе, велат дипломатите, бидејќи балканските граѓани сонуваа да влезат во ЕУ по етничките војни во 90-тите години, кога Југославија се распадна.

Војниците на НАТО во понеделникот ги зголемија патролите на Косово во близина на граничните премини, кои беа блокирани од локалните Срби, разгневени од забраната за влез на автомобили со српски регистарски таблички во земјата.

„Мора да се однесуваат погрешно за да бидат забележани“, рече висок дипломат на ЕУ во Брисел вклучен во балканската политика. „Има влошување на Балканот што произлегува од изгубениот интерес во главните градови на ЕУ“.

ЕУ и САД апелираа за смиреност и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во вторникот го започна тридневното патување во шесте балкански земји за да ја покаже посветеноста на извршната власт на ЕУ кон регионот.

Во првата станица во Албанија, Фон дер Лајен рече дека стои на ветувањето дека „иднината на Албанија е во ЕУ“.

Критики за Германија и Франција

Но, кредибилитетот на ЕУ е оштетен, особено откако Франција и Холандија привремено го прекинаа процесот на проширување пред две години, а Бугарија сега го блокира.

Косово и Србија се чувствуваат разочарани од Соединетите Држави, откако пред една година беа поканети во Белата куќа од тогашниот претседател Доналд Трамп да потпишат договор за нормализирање на економските односи, за потоа тоа да пропадне. ЕУ не го одржа ветувањето дека ќе дозволи патување за Косово без визи.

Државите кои се залагаат за проширување, вклучувајќи ги Австрија, Италија, Хрватска, Словенија и балтичките земји, ги осудуваат Германија и Франција затоа што не ја притиснале Бугарија да го укине ветото. Напредокот на Албанија исто така е запрен затоа што е поврзан со Северна Македонија во процесот на проширување.

„Сѐ додека имате толку многу земји-членки, од една или друга причина, кои веруваат дека не е правилно да се прошири заедницата на ЕУ понатаму, тогаш навистина не одиме никаде“, рече Џон О’Бренан, експерт за интеграција во ЕУ на Универзитетот Мејнут во Ирска. (Ројтерс)