ЕУ собира средства за настраданите во земјотресите во Турција и Сирија


Меѓународна донаторска конференција за поддршка на настраданите во земјотресите во Турција и Сирија ќе се одржи денеска во Брисел.

На почетокот на февруари турско-сирискиот пограничен регион беше погоден од два силни земјотреси, при што загинаа повеќе од 50.000 луѓе, а милиони останаа без покрив над главата.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и шведскиот премиер Улф Кристерсон ќе бидат домаќини на конференцијата, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се очекува да се вклучи преку видео врска.

Приватни и јавни донатори од сите земји се поканети да „го почитуваат споменот на загинатите, хероизмот на првите спасувачи и пред сè заедно да изградат подобра иднина за преживеаните“, рече Фон дер Лајен во најавата на конференцијата.

Земјотресите се „катастрофа со историски размери“, рече Кристерсон, чија земја во моментов е на чело на Советот на Европската унија, телото што ги претставува земјите-членки на ЕУ.

„Во оваа улога, Шведска треба да направи се што е можно заедно со меѓународните партнери за да им помогне на погодените“, рече Кристерсон.

Досега ЕУ одвои околу 20 милиони евра за жртвите во Турција и Сирија за покривање на итни потреби, вклучувајќи шатори, медицинска опрема, средства за хигиена, храна и топла облека.