ЕУ сепак ќе донесе одлука за преговори со Македонија


ЕУ сепак ќе донесе одлука да ги одблокира преговорите со Македонија и со  Албанија, откако Франција и Холандија добија тоа што бараа – тврди денес „ЕУ Обсервер“ од Брисел.

Иако вчера проструи нформацијата дека самитот на 26 и 27 е откажан и дека лидерите на видео конференција ќе разговараат само за темите поврзани со корона вирусот, денес на ниво на амбасадори во Брисел уште се работи на заклучокот и работите одат добро, според извор од Советот.

Во заклучокот ќе стои дека ЕУ „реши да отвори преговори“ со Македонија и со Албанија, а земјите членки планираат сепак да го одржат министерскиот совет на 24 март, ако состојбите не се искомплицираат дополнително. Тоа значи дека одлуката може да биде донесена на министерско ниво, а потврдена на некој следен самит на ЕУ.

Како што се дознава, денес се разгледуваат уште некои прашања кои не се однесуваат на Македонија и само на Албанија, врз основа на барањата на неколку земји членки. Но, одлуката веќе се смета за усогласена и она што е важно е таа да биде потврдена од министрите идната недела, бидејќи амбасадорите на ЕУ немаат моќ да носат политички одлуки. Во меѓувреме, треба да се сменат некои основни правила во функционирањето на ЕУ што во Брисел го споредуваат со „земјотрес“, бидејќи никој не ни сонувал дека некогаш ќе се постави вакво прашање, како тоа дали одлуки можат да се носат и без физичко присуство на самитот. На видео конференцијата ќе се расправа и за условите што мора да ги исполни секоја земја за да биде дел од еврозоната, т.е. во Пактот за стабилност, бидејќи е јасно дека со економската парализа со корона вирусот ништо не е исто и сите земји ќе паднат под нивото на условите што се бараа досега, како ниво на дефицит, на инфлација и слично.

Поради неизвесноста до кога ќе трае кризата, во заклучокот за Македонија нема да има најава кога ќе стартува првата меѓувладина конференција, т.е. кога практично ќе почнат преговорите со Унијата.   (С.Ј.)