ЕУ се уште не размислува да ги раздвои Македонија и Албанија


Романскиот шеф на дипломатијата, Богдан Ауреску изјави денес дека нема разговори во Европската унија за одвојување на Македонија и Албанија во однос на одлуката за започнување на преговори за членство. 

-Нема такви дискусии во ЕУ, за раздвојување на Северна Македонија и Албанија. Ние во Романија не ја поддржуваме таквата одлука. Важно е да се најде решение за проблемот со Бугарија и што побрзо да почнат преговорите со двете земји кандидати, рече Ауреску на денешната прес конференција во Скопје. 

И според министерот Бујар Османи засега нема најава дека може да биде донесена таква одлука до јуни, но беше уверен дека по јуни, ако не се постигне договор со Бугарија, тоа прашање ќе мора да се отвори. 

-Засега нема сигнал ниту од една земја членка  дека преферира одвојување на Северна Македонија и Албанија во овој процес. Но, дека прашањето ќе се отвори од јуни, за тоа сум сосема сигурен, рече Османи. Според него, тоа нема да биде добар развој на настаните за Македонија и затоа не треба да дозволиме да се случи. 

Околу некаков нон пејпер што циркулира во Бугарија и за кој Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ повторно побара да бидат информирани пратениците Османи рече дека не е еден, туку такви имало десетици досега. 

-Не постои еден нон пејпер. Постојат десетици нон пејпери и размени на идеи последните две години. Затоа ќе го повторам тоа што го кажувам секогаш: Кога ќе имаме согласност околу некој документ со бугарската страна  и кога ќе сметаме дека тој може да биде основа за договор, пред да ставиме потпис и печат ќе ги информираме пратениците.  Сега има документ што ние сме пдготвени да го прифатиме, но се додека не добиеме одговор од Бугарија не сум спремен да информирам за деталите, бидејќи може да биде одбиен, рече Османи. 

Тој најави дека викендов ќе има средба со бугарскиот премиер Кирил Петков иако тој доаѓа во неофицијално својство, но не беше сигурен дека ќе има средба и премиерот Димитар Ковачевски поради нарушената здравствена состојба. Тој не сакаше да ги коментира внатрешните политички дебати во Бугарија и тоа има ли таму согласност или не , порачувајќи и на официјална Софија дека за вакви прашања треба лидерство и дека некогаш , ако сака добрососедски односи, треба да оди и спротивно од реката. 

Во однос на очигледното кокетирање на фицијална Софија со бугарските здруженија во нашата држава и најавите за нивно финансирање, иако за нас важи одредбата дека не смеме да се мешаме во однос на малцинството во Бугарија, Османи посочи дека Договорот за пријателство со оваа соседна земја е асиметричен, односно дека тие што сакаат можат да прават кај нас, а ние не можеме ни да бараме права за Македонците таму.