ЕУ се подготвува за стапувањето на функција на Бајден за освежување на односите со САД


Белгија– Европската Унија во првата половина на идната година ќе организира самит ЕУ-САД на кој ќе се дискутира за поблиска соработка помеѓу двата блока, откако односите значајно се влошија под администрацијата на Трамп, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Јосеп Борел, попладнево ги презентираше главните точки врз кои, според ЕУ, треба да се зацврсти повторно трансатлантското партнерство.

Најитно е лидерство во борбата против коронавирусот и реформата на Светската здравствена организација.

Европската Унија ќе бара од американскиот партнер да се стави фокусот на соработка против климатските промени и загубата на биодиверзитетот на планетата.

Третата точка што е важна за ЕУ е технологијата и трговијата, како и воспоставување норми и стандарди во овие области, и конечно, четвртата оска е “глобална акција“, односно повторна блиска соработка помеѓу ЕУ и САД за “посигурен, просперитетен и демократски свет“, согласно геостратешката определба на Европската Комисија, што, „во ниеден случај не се коси со потребата ЕУ да стане поавтономна“, изјави Борел на прес конференцијата.

-Нема поважен и постратешки партнер за ЕУ од САД, нашата агенда формулира неколку приоритети за освежување на трансатлантското партнерство во повеќе области каде нашите интереси се заеднички, каде нашето колективно влијание најдобро може да се искористи и каде е потребно глобално лидерство, рече шефот на европската дипломатија.

Агендата на Европската Комисија сега ќе им биде поднесена на земјите членки на ЕУ за усвојување и организирање на самитот ЕУ-САД во текот на првата половина на 2021.