ЕУ се подготвува за најцрно сценарио: Што предвидува планот за штедење гас кој почнува на 1 август

Планот „штедете гас за безбедна зима“ предвидува намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто од 1 август годинава до 31 март 2023 година. Целосниот прекин на испораките на руски гас во Европа во комбинација со студената зима би можел да го намали просечниот БДП до 1,5 отсто доколку земјите-членки не се подготват однапред за сите сценарија


Европската комисија во средата го претстави планот „штедете гас за безбедна зима“, кој предвидува намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто во периодот од 1 август годинава до 31 март 2023 година. Европската унија се соочува со опасност од дополнително намалување на протокот на гас од Русија, кој Кремљ го користи како оружје, а речиси половина од земјите-членки веќе се погодени од намалената испорака на гас од Русија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека „целосно прекинување на испораките на руски гас е веројатно сценарио“.

„Русија нѐ уценува, користејќи ја енергијата како оружје. Затоа, во секој случај, мора да бидеме подготвени или за делумен, нешто поголем или целосен прекин на снабдувањето“, рече Фон дер Лајен.

Оттука, Комисијата посочува дека е неопходно да се дејствува навреме, да се преземат чекори токму сега со цел значително да се намалат ризикот и трошоците за Европа во случај на натамошни нарушувања во снабдувањето со гас, пренесеува Индекс.хр.

Комисијата проценува дека целосниот прекин на испораките на руски гас во Европа во комбинација со студената зима би можел да го намали просечниот БДП до 1,5 отсто доколку земјите-членки не се подготват однапред за сите сценарија. Целосниот прекин на снабдувањето во комбинација со просечна зима би го намалил БДП до 1 процент.

Планот за намалување на трошоците е доброволен, но може да стане задолжителен

Планот за намалување на потрошувачката на гас предвидува сите потрошувачи, домаќинствата, јавната администрација, сопствениците на јавни згради, производителите на енергија и индустријата да преземат мерки во оваа смисла на доброволна основа.

Комисијата предлага нова регулатива за координирано намалување на побарувачката на гас, со која ќе се постават цели за сите земји-членки да ја намалат побарувачката на гас за 15 отсто од 1 август годинава до 31 март следната година во однос на просечната потрошувачка во минатата пет години во истиот период.

Предлогот за регулатива и дава можност на Комисијата, по консултации со земјите-членки, да прогласи вонредна состојба на ниво на Унијата, што би наметнало обврзувачко намалување на потрошувачката на гас за сите земји-членки. Таква вонредна состојба може да се прогласи во случај на голем ризик од недостиг на гас или исклучително висока побарувачка за гас.

Се предлага сите земји-членки да ја намалат побарувачката на гас за 15 отсто

Покренување јавна кампања

Комисијата, исто така, ги повика земјите-членки да започнат јавна кампања за подигање на свеста за потребата од намалување на греењето и ладењето. Земјите-членки би можеле, на пример, да утврдат дека јавните згради се загреваат за неколку степени помалку или дека интензитетот на ладење е намален во текот на летните месеци.

Земјите-членки имаат рок до крајот на септември да ги ажурираат своите национални планови за итни случаи и да покажат како имаат намера да ги постигнат целите за намалување на трошоците и треба да поднесуваат извештаи до Комисијата на секои два месеци. Земјите-членки кои бараат испорака на гас од солидарност ќе треба да покажат какви мерки презеле за да ја намалат потрошувачката.

Планот на Комисијата предвидува дека заштитените потрошувачи, како што се домаќинствата, болниците или индустриите кои произведуваат клучни производи или услуги за економијата, ќе продолжат да бидат заштитени. Има акцент на замена на гасот со други горива и на заштеди во сите сектори.

Замена со други горива

Замената на гасот со други горива треба да биде секогаш кога е можно меѓу обновливите извори на енергија, но јагленот, нафтата или нуклеарната енергија не се исклучени како привремена замена.

За да стапи во сила предложената регулатива, таа мора да добие квалификувано мнозинство од земјите-членки. Првата дискусија за предлогот ќе се одржи следниот понеделник на вонреден состанок на министрите за енергетика на земјите-членки на ЕУ.

По почетокот на руската агресија врз Украина, ЕУ значително го зголеми увозот на гас од Норвешка, Азербејџан и Алжир и тројно го зголеми увозот на течен гас од САД, но тоа се уште не е доволно за да се надомести увозот од Русија.

Комисијата проценува дека ЕУ може да ја намали потрошувачката на гас за околу 45 милијарди кубни метри, нешто помалку од една третина од количината увезена од Русија во 2020 година. Само со намалување на греењето и ладењето на зградите за неколку степени, според Комисијата може да се заштедат околу 11 милијарди кубни метри гас.