ЕУ сака ново правило: Може да ги одбиете мигрантите, ама да платите 22.000 евра за секој одбиен!


Министрите за внатрешни работи на земјите-членки денеска се среќаваат во Луксембург, каде ќе се обидат да постигнат договор за двата клучни закони од областа на миграцијата и азилот, за кои веќе неколку години неуспешно се преговара, но овојпат се чини дека конечно може да се постигне договор.

„Дали ќе успееме? Се надеваме, но не сум сигурен, шансите се 50:50“, изјави дипломатски извор запознаен со подготовките за средбата. „Сега имаме реална перспектива, постои разумна надеж дека ќе постигнеме договор, но никогаш не се знае“, додаде изворот.

Министрите ќе се обидат да постигнат заеднички став за двата клучни законски предлози, кои се составен дел на новиот пакт за миграција и азил – Регулативата за азил и управување со миграцијата и Регулативата за процедури за азил.

Но, ако министрите успеат и изгласаат заеднички став, работата е далеку од завршена. Евентуалниот договор е само позицијата од која земјите-членки ќе преговараат со Европскиот парламент за конечниот текст на законот, а тоа може да биде исто толку тешко, ако не и потешко. Сите ја нагласуваат желбата целата работа да биде завршена пред следните европски избори во јуни следната година.

Големата мигрантска криза
Европската унија се бори со прашањето на миграцијата од 2015 година и големата мигрантска криза. Во 2016 година, Комисијата предложи пакт за миграција и азил, но земјите-членки не можеа да постигнат договор за тоа. Главниот камен на сопнување беше прашањето за обврзувачките квоти за распределба на мигрантите со цел да се растоварат земјите-членки на надворешните граници кои се под силен мигрантски притисок и го носат најголемиот товар. Сепак, некои од земјите-членки на Централна и Источна Европа, пред се Унгарија и Полска, не се согласија на обврзувачки квоти.

Во септември 2020 година, Комисијата го претстави предлогот на Новиот пакт за азил и миграција со цел конечно да се пресече Гордиевиот јазол во политиката за азил, односно прашањето за обврзувачките квоти за распределба на мигрантите низ земјите-членки. Главниот елемент на новиот предлог е да се заменат обврзувачките квоти со обврзувачка солидарност. Со други зборови, оние земји кои не сакаат да прифатат луѓе кои имаат право на азил мора на некој друг начин, обично финансиски, да им помогнат на оние кои тоа го сакаат.

„Мислам дека има разбирање меѓу земјите-членки за тоа – нема да има обврзувачки квоти“, изјави дипломатски извор.

Дипломатите не откриваат детали од предлогот, со кој се бара да се добие согласност од сите или барем мнозинството држави што ќе обезбеди квалификувано мнозинство потребно за одлука. Изминативе денови во медиумите се споменуваа предлози според кои оние земји кои ќе одбијат да примат мигранти ќе треба да платат сума од 22 илјади евра за секое лице што ќе одбијат да го примат, а кое добива право на азил.

Оваа идеја веднаш наиде на огорченост и остри критики во Полска.