ЕУ сака да изгради здравствена унија за спречување на идни епидемии


Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес го презентираше планот на Европската комисија за градење на заедничка здравствена Европска унија во која надлежните органи ќе имаат зајакнати капацитети да одговорат на здравствени закани во иднина, јави дописничката на МИА од Брисел.

По тензиите во првиот бран со недостаток на медицинска опрема и третмани во дел од земјите на ЕУ, Европската комисија смета дека е време да се зајакнат надлежностите на Унијата за подобра координација во здравствената политика, која е засега речиси целосно само национална компетенција на земјите членки.

Конкретно Европската комисија предлага нова регулатива за справување со сериозни прекугранични здравствени закани. Со оваа регулатива треба да се зголемат надлежностите на двете главни здравствени агенции на ЕУ, Центарот за спречување на зарази (ЕЦДЦ) и Агенцијата за лекови (ЕМА).

ЕЦДЦ треба да биде подготвена за активирање на вонредна состојба кога ќе се појави нова закана од заразна болест, но и да има доволни резерви на медицинска опрема која ќе може брзо и ефикасно да се распредели во земјите членки на ЕУ и во трети земји.

Европската комисија сака да види обработка на европски и национални планови за подготвеност, обука на медицински персонал и доволен капацитет да се предвидат и антиципираат идните епидемии.

– За жал заразните болести можат во секое време да се појават и мораме да бидеме подготвени за идната тревога, подобро да ги антиципираме ризиците, предупреди еврокомесарката за здравство Кириакидес.

Европската агенција за лекови би била задолжена да ги следи одблиску резервите на медикаменти и третмани и да биде способна да реагира брзо доколку дојде до каков било недостаток, но треба и да спроведува клинички тестирања и истражувања за вакцини, посебно во моменти кога е потребна брза реакција.

– Во време на криза граѓаните со право очекуваат од ЕУ да заземе поактивна улога, денеска ги зајакнуваме темелите за посигурна, подобро подготвена и поотпорна ЕУ во областа на здравството. Ова ќе биде значајна промена во нашиот капацитет да одговориме колективно, изјави Кириакидес на прес-конференција попладнево.