ЕУ прати полн авион медицинска опрема за Србија


Првиот карго авион што носи медицинска опрема што ја набавила Србија, ја плати ЕУ а ја организираше УНДП, стигна синоќа во Белград.

Според постот на амбасадорот на ЕУ во таа земја, Унијата покажува солидарност со земјата и тоа е само дел од пакетот помош од 93 милиони евра за Србија. И ЕУ и УНДП најавија уште многу авиони.

Помошта синоќа беше масовно изрекламирана од Унијата, која на ваков начин одговори на грубите критики на претседателот Александар Вучиќ околу реакцијата на Брисел за корона кризата, откако ЕУ не го вметна Западниот Балкан на листата на земји што можат да учествуваат во јавните набавки на медицинска опрема што таа ги организира.

На 15 март српскиот претседател Александар Вучиќ  осамна на насловните страни со  навреди кон ЕУ и пофалби Кина за нејзината медицинска помош, нарекувајќи го кинескиот претседател Си Џинпинг вистински пријател и брат на српскиот народ. Во многу циничен настап, Вучиќ ја нарече европската солидарност бајка и ја  обвини ЕУ за  лицемерие. ЕУ, според Вучиќ, не била подготвена да продаде или да обезбеди материјал неопходен за да се справи со итните медицински случаи.

-Тоа се истите луѓе што побараа од нас да ги корегираме нашите тендерски процедури за да ги исклучиме Кинезите, така што компаниите од ЕУ би добиле српски пари. Сега нашите српски пари веќе не се доволно добри за нив , порача тогаш Вучиќ  и тоа очигледно имаше влијание во Брисел.