ЕУ постигна важен договор за цената на гасот, еве кога се активира


 

Министрите за енергетика на земјите-членки во понеделникот се договорија механизмот за ограничување на цената на гасот да се активира кога цената ќе достигне 180 евра за мегават час и 35 евра повеќе од референтната цена на ЛНГ за период од три последователни дена, се дознава од дипломатски извори, пренесе Хина.

Против одлуката за активирање на механизмот за ограничување на цената на гасот кога цената ќе достигне 180 евра за мегават час и 35 евра повеќе од референтната цена на ЛНГ во период од три последователни дена, била само Унгарија, воздржани биле Австрија и Холандија, а Германија ја поддржа. Сите овие земји претходно се спротивставија на интервенцијата на пазарот на гас и на ограничувањата на цените.

За одлука не е потребен консензус, туку е доволно квалификувано мнозинство, што значи дека мора да биде поддржана од 55 отсто од земјите-членки, односно 15 од нив, кои сочинуваат најмалку 65 отсто од вкупното население на Унијата.

Механизмот ќе може да почне да функционира од 15 февруари следната година. На минатонеделниот состанок, министрите за енергетика не успеаја да се договорат за ограничувањата на цената на гасот, бидејќи предлогот на Комисијата, кој го постави плафонот за цената на гасот превисоко, беше неприфатлив за повеќето земји-членки.

На крајот на ноември, Европската комисија предложи воспоставување на корективен пазарен механизам кој би се активирал кога цената на холандската берза за гас (TTF) ќе е над 275 евра за мегават час за две недели и 58 евра повисока од референтната цена за ЛНГ десет последователни дена во текот на две недели.

Чешкото претседателство на средбата дојде со нов предлог, според кој механизмот би се активирал кога цената на гасот во период од три дена ќе достигне 188 евра за мегават час.