ЕУ подготвува солидарен фонд за епидемијата, на списокот и Македонија    


Европската унија подготвува пакет од 37 милијарди евра со кој ќе ги помогне земјите членки погодени од корона вирусот. Паралелно, се планира и измена на условите за користење на Европскиот солидарен фонд со што и земјите кандидати, како Македонија, ќе можат да побараат ургентна помош од Брисел ако не можат со свои сретства да се справат со епидемијата. За двата предлога ќе се разговара утре во Брисел, а намерата е тие да бидат усвоени во најитна процедура.

Според оценките на ЕУ, епидемијата со корона вирусот има огромно влијание на општествата и на економиите, што може да доведе до тоа  бизнисмените да не можат да ги исплатат вработените. Во исто време потребни се дополнителни јавни ресурси за да се помогне здравствениот сектор бидејќи според ЕУ создадена е исклучителна ситуација на која мора да се одговори со брза и значајна финансиска помош.

Поради тоа Европската комисија предлага т.н. Иницијатива за инвестиции поврзани со короната, преку која ќе се мобилизираат неискористени пари од фондовите на Унијата за пресметка со вирусот. Бидејќи земјите кандидати не можат да ги користат овие фондови на ЕУ, ЕК предлага да се искористи и Европскиот солидарен фонд, кој предвидува и до 500 милиони евра помош на ниво на земја, ако таа не може да се справи сама со одредена криза.

Овој фонд беше формиран како брз механизам за справување со природни катастрофи (конкретно во тој период со пожари), но сега се најавуваат измени за да може да се употреби и за справување со епидемијата. Дел од помошта ќе може да се добие и однапред на барање од земјите погодени од корона вирусот. Со овој фонд сепак нема да се покриваат економските штети што ќе ги предизвика епидемијата, туку главно здравствените потреби.  (С.Ј.)