ЕУ подготвува нови правила за патување- нема да биде важно од каде доаѓате


 

Европската Унија подготвува нов модел за управување со пандемијата од корона вирус за патување, кои подразбираат отстапување од пристапот „географско подрачје на потекло на патниците“ и надминување на системот мапа на зараза кој би останал само како информативно ниво, објави АНСА, повикувајќи се на извори од италијанската влада.

Ограничувањата повеќе нема да бидат поврзани со подрачјето од каде што доаѓате како патник, туку со нивниот епидемиолошки статус – потврда за вакцинација, прележан Ковид или негативни тестови.

За важноста на ПЦР тестот условот останува не подолго од 72 часа, а за брзите антигенски тестови 24 до 48 часа, пренесе ФоНет.

Новиот модел на управување со пандемијата би уважувал деветмесечна важност на зелениот ковид-пасош, но по истекот на важноста за потполно вакцинираните и оние кои примиле трета доза одлуки ќе се носат „врз основа на проценка“.

Траењето на пропусниците од 1 февруари ќе бидат скратени од девет на шест месеци, а тој рок може да доведе до проблеми за оние на кои им поминале шест месеци од бустер дозата, со оглед на тоа дека нема официјални опции за четврта доза,наведува АНСА.

Според ажуририаните правила, патниците кои поседуваат важечки сертификат за вакцинација против Ковид нема да бидат подложени на дополнителни тестирања или самоизолација.

Но, врз основа на податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, земјите сепак би можеле да воведат некои дополнителни мерки за патници од територии вклучени во темноцрвена категорија, која ја прават земјите кои се длабоко погодени со корона вирусот.

Боите на мапата на ЕЦДЦ откриваат ситуација на ризик по здравјето од короната, земјаќи во обѕир стапка на инфекција и тестирања во други земји, пишува Schengenvisainfo.com.

По предложените измени, мапата би ја зела во обзир и стапката на вакцинацијата во другите земји.

Еден дипломат на ЕУ нагласи дека за предложените измени уште се разговара.

Новиот план го следи предлогот на Комисијата од ноември минатата година да се заземе „пристап заснован на личноста“, за патување внатре во Еу, што значи, дека лицата кои поседуваат сертификат за вакцинација против Ковид „во принцип не би требало да подлежат на дополнителни ограничувања на патувањата, од каде и да доаѓаат во Европската Унија“.