ЕУ почна да разговара за постепено отворање на границите


Министрите за внатрешни работи на ЕУ денеска одржаа виртуелен состанок на кој се разговараше, меѓу другото, за постепеното отворање на внатрешните и на надворешните граници на ЕУ, но сѐ уште не е постигнат краен договор, јави дописничката на МИА од Брисел.

Министрите, како и Европската Комисија, инсистираат дека секое укинување на рестрикциите за патување мора да се носат на координиран начин, посебно помеѓу соседни земји. Земјите членки на ЕУ редовно се координираат за непречено движење на есенцијални стоки и производи како и медицинската опрема.

Што се однесува до граничните рестрикции воведени на почетокот на пандемијата, европските министри оцениле денеска дека “границите би можеле да бидат постепено повторно отворени почнувајќи од регионите каде е регистриран пад на случаи на Ковид-19“, информираше хрватското претседателство кое го водеше денешниот состанок.

Рокови, меѓутоа, за сега не се поставени, а министрите ќе продолжат да дискутираат интензивно на оваа тема во наредните денови.

Се разговарало и за опцијата за мобилни апликации за следење на контактите, како една од клучните мерки за укинување на рестрикциите.

Повторено е дека без разлика на тоа која апликација се користи, таа мора целосно да ги почитува уредбите од Регулативата на ЕУ за заштита на личните податоци и да се користи на доброволна база. Одредени земји сметаат дека е потребна една единствена апликација, додека други земји веќе имаат воведено свои.

Хрватското претседателство инсистира дека и во овој дел е клучно земјите членки на ЕУ да се координираат во овој дел исто така.

-Координацијата помеѓу земјите членки е исто важно во овој контекст затоа што овие апликации можат да придонесат за олеснување или укинување на граничните контроли и потенцијално за укинување на забраните за влез на надворешните граници на ЕУ, порача хрватското претседателство.

Европската Унија изразува загриженост и за зголемената стапка на сајберкриминалот откако започна пандемијата, вклучително ширењето на лажни вести, продажба на фалсификувани производи, но и трговијата со дрога, бегалци и мигранти, стои во соопштението.