ЕУ платила за вакцините на „АстраЗенека“, но вакцините нигде ги нема


Во конфузијата околу испораките на вакцините за земјите-членки на ЕУ и со тоа на процесот на вакцинирање се надоврзува нејасниот случај со британско-шведската компанија „АстраЗенека“. Брисел е многу изнервиран затоа што уште есеноска потпиша договор со „АстраЗенека“ (чие седиште е во Кембриџ), за тоа плати неколку стотици милиони евра (сумата уште не се открива), а сега од компанијата велат дека ќе мораат значително да ја редуцираат испораката на дозите.

Комесарката за здравство, Стела Киријакидес, неколку дена е гневна. Во неделата ѝ напиша остро писмо на „АстраЗенека“ барајќи одговори од компанијата денеска. Италија се заканува дека ќе го тужи „Фајзер“ за доцнењето на вакцините, неколку држави имаат сериозни забелешки како Европската комисија се справува со набавката на вакцините и инокулацијата. Исто така има забелешки за процесот на одобрување на вакцините, бидејќи Велика Британија откако излезе од ЕУ го направи тоа на побрз и помалку бирократски начин.

Европските функционери, а и комитетот задолжен за вакцинацијата во кој се и земјите членки, се ужасно нестрпливи. Според договорот со „АстраЗенека“, која ја разви вакцината во соработка со Оксфорд, ЕУ плати за да го резервира производствениот капацитет. Тие превремени пари ѝ служеа на „АстраЗенека“ за да го заврши своето научно развивање на вакцините. Тој договор беше склучен во август и се однесуваше на 300 милиони дози со можност да има уште 100 милиони.

Според договорот „АстраЗенека“ требаше да ѝ испорача на ЕУ 80 милиони дози до крајот на март, а во соопштението на компанијата од петокот се вели дека таа бројка не може да биде поголема од 31 милиони дози. Наводно, проблемите прозилегле во фабриката за вакцините во Белгија која ја води нејзин партнер. 

Вакцината на „АстраЗенека/Оксфорд“ се смета за клучна во глобалниот напор за вакцинација затоа што е поевтина од оние на ривалите и може да се чува во регуларни фрижидери, а не во специјални. 

Што се случи сега? Има неколку одговори. Или предвременото производство не се случило, или вакцините биле произведени а потоа продадени на некој друг кој платил повеќе, без оглед што парите од ЕУ веќе бил исплатени. Или пак компанијата не сакала да го вреднува толку договорот со блокот во кој има 27 земји и 450 милиони жители. Тоа може да изгледа како ризична варијанта. А можеби и се нашла повредена што одобрувањето нан нејзината вакцина е заглавено во бирократски процедури. Според најавите денеска треба да почена процесот на одобрувањето во регулаторот ЕМА и тој би требало да заврши на 29 јануари и тогаш да почне испораката на вакцините на „АстраЗенека“.

Вакцината на „АстраЗенека/Оксфорд“ се смета за клучна во глобалниот напор за вакцинација затоа што е поевтина од оние на ривалите и може да се чува во регуларни фрижидери, а не во специјални. (Н.В.)