ЕУ планира да воведе минимална плата на ниво на Унијата


Започна со „Убер“ (Uber), а денес сè повеќе бизниси сакаат да се претворат во платформи и затоа ЕУ планира да воведе минимална плата на ниво на Унијата.

Европратениците бараат на вработените во разни онлајн платформи да им се пропише минимална плата и минимални услови за работа и да им се овозможи подобар баланс помеѓу деловниот и приватниот живот.

„Европската унија е еден од најбогатите региони во светот, но 95 милиони Европејци живеат на работ на сиромаштијата“, рече Озлем Демирел, портпарол на Здружената европска левица / Нордиска зелена левица.

„Не смееме да дозволиме економските цели да ја надминат социјалната заштита“, рече таа.

Европратениците го поздравија предлогот на Европската комисија да издаде директива за соодветни минимални плати, опишувајќи го како важен чекор за секој да биде соодветно платен за својата работа и да може да учествува во заедницата, пишува Јутарњи лист.

Парламентарците нагласуваат дека законски пропишаната минимална плата мора да биде над границата на сиромаштијата и дека работодавците не треба да прават одбитоци од минималната плата за трошоците за работна сила, како што се сместување, работни униформи, алатки, лична заштита и друга опрема од минималната плата.

Исто така беше речено дека законодавната рамка за минимални услови за работа мора да се примени на сите работници, вклучително и на нетипичните работници во дигиталната економија кои често работат во несигурни услови. Според европратениците, овие работници мора да бидат опфатени со постојните закони за труд и социјална грижа и им е дозволено колективно да ги остваруваат своите права.

Пратениците сметаат дека на жените, имајќи предвид дека се изложени на поголем ризик од сиромаштија и социјално исклучување, мора да им се обезбеди пристап до достапни и квалитетни услуги за згрижување деца. Покрај тоа, беше речено дека мора да се работи на отстранување на разликите во финансискиот надоместок за жени и мажи.

Според дефиницијата на Евростат, кога поединец работи повеќе од половина година и има расположлив приход помал од 60 проценти од просечниот приход на домаќинството по социјалните трансфери (на пример, издршка на новороденче, надоместок за попреченост и надомест за топол оброк), тогаш тој е изложен на ризик од сиромаштија при работа. Податоците на Евростат покажуваат дека 9,4 проценти од населението на Унијата во 2018 година било на работ на сиромаштија.