ЕУ ограничува извоз на вакцни за Северна Ирска, Лондон изрази сериозна загриженост


Европската унија го ограничи извозот на вакцини против коронавирусот во Северна Ирска, заобиколувајќи делови на протоколот од договорот за Брегзит.

Првиот министер на Северна Ирска, Арлин Фостер, ја нарече „неверојатен чин на непријателство“ одлуката на ЕУ да се повика на членот 26 од протоколот, што им овозможува на Велика Британија или ЕУ да преземат еднострани активности во случај на неочекувано негативно влијание што произлегува од договорот.

Портпаролот на британската Влада изјави дека следните чекори ќе бидат внимателно разгледани и додаде дека министерот Мајкл Гоув и пренел на ЕУ дека Велика Британија е загрижена затоа што не е информирана од ЕУ за нејзините постапки во врска со протоколот за Северна Ирска.

Претходно, Европската комисија се согласи со планот за контрола на извозот на вакцини од ЕУ, вклучително и во Велика Британија, наведувајќи дека тоа е потребно за да се обезбедат сопствени залихи.

Британскиот премиер Борис Џонсон изрази сериозна загриженост поради обидот на Брисел да го ограничи извозот на вакцини за коронавирусот во Северна Ирска, соопшти неговиот кабинет.

Британскиот премиер синоќа за тоа разговарал со претседателката на Европската комисија.

„Тој изрази сериозна загриженост за потенцијалното влијание што може да го предизвикаат чекорите што ги презеде ЕУ за извоз на вакцини“, наведе во соопштение портпаролот на Џонсон.