ЕУ одобри 70 милиони евра за вакцини наменети за Западен Балкан


 Европската комисија усвои денеска пакет од 70 милиони евра во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА 2), како поддршка за пристап на партнерите од Западен Балкан до вакцини против Ковид-19, кои ги набавиле земјите членки на ЕУ.

Пакетот ќе биде исплатен во облик на грантови, кои ќе помогнат да се покријат трошоците за вакцини за приоритетните групи во регионот, како и неопходна опрема за вакцинација, најавува Комисијата.

Тоа ќе им помогне на земјите од Западен Балкан да купат одреден број вакцини преку Договорот за набавка на ЕУ со шест производители, со тоа што одделни земји членки на Унијата ќе го поделат делот од своите однапред добиени дози. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј оцени дека во текот на целиот период на пандемијата, ЕУ покажа дека го третира Западен Балкан како привилегиран партнер.

– Во тој дух продолжуваме да делуваме и во случај на вакцините, преземајќи чекори кои овозможуваат брз почеток на кампањи за вакцинација на критичните групи во регионот. Брзата вакцинација ќе биде пресудна за завршување на пандемијата и почеток на општествено-економското закрепнување на Западен Балкан, порача Вархеј.

Брисел објаснува дека преку меѓународната иницијатива КОВАКС, за која земјите од Западен Балкан се пријавија, испораката на вакцини ќе почне подоцна од кампањата за вакцинирање во ЕУ, но Унијата „ќе го пополни тој јаз“, така што на регионот ќе му овозможи пристап до одреден број дози од своите купопродажни договори.

Комисијата и Европскиот центар за превенција на болести, исто така, му помагаат на регионот во финализирање на стратегиите за вакцинација согласно препораките на Комисијата за да се обезбеди соодветна подготовка на кампањите и непречено давање на вакцините.

ЕУ, исто така, финансира проект со Светската здравствена организација за помош при управувањето со логистиката и испораката на вакцини, наведуваат во Брисел.

Европската комисија е посветена на тоа да овозможи секој што има потреба од вакцина, да ја добие, каде било во светот. Ова е причината зошто таа веднаш одговори на повикот на СЗО за акција и помогна да се соберат речиси 16 милијарди евра од 4 мај 2020 година во рамки на Глобалниот одговор на коронавирусот, глобалната акција за универзален пристап до тестови, третмани и вакцини против коронавирус и за глобално закрепнување.

Механизмот КОВАКС е столбот за вакцини од Акцелераторот за пристап до алатки за Ковид-19 (АЦТ), глобална соработка за забрзување на развојот, производството и правичниот пристап до тестовите, третманите и вакцините против коронавирус. Досега е објавено дека над 870 милиони евра од ЕУ и земјите-членки на ЕУ се наменети за КОВАКС.

КОВАКС има за цел да купи две милијарди дози до крајот на 2021 година, вклучително и над 1,3 милијарди за земјите во развој. Тоа ќе помогне да се развие разновидно портфолио на вакцини, да се преговара со различни добавувачи и да се опфатат различни научни технологии, термини на испорака и цени.

Учеството на ЕУ во КОВАКС е комплементарно со тековните преговори на ЕУ со компании за производство на вакцини, започнати според Стратегијата на ЕУ за вакцини. Напорите на ЕУ да развие и произведе ефикасна вакцина ќе биде од корист за сите во глобалната заедница. Инвестицијата на ЕУ во зголемување на производствениот капацитет ќе биде во функција на сите земји на кои им е потребна помош. Преку своите авансни договори за набавка, ЕУ од производителите бара да го направат достапен нивниот производствен капацитет за снабдување на сите земји и повикува на слободен проток на вакцини и материјали без извозни ограничувања.

Комисијата, исто така, ја координира донацијата на некои дози набавени од земјите-членки на ЕУ на различни партнерски земји со цел да се гарантира нивниот ран пристап до вакцините против Ковид-19 за здравствените работници и најранливите групи на граѓани, сè додека вакцините преку механизмот КОВАКС не бидат пошироко достапни.