„ЕУобсервер“: Бугарија ги донесе Хитлер, Сталин и Тито на масата на ЕУ

Стево Пендаровски се поздравува со Оливер Вархеи за време на посетата на еврокомесарот на Скопје во октомври

Прво беше блокадата од страна на Грција, па француското вето за методологијата за проширување и сега дојде Бугарија, која сака во учебниците да пишува дека Тито соработувал со Сталин, а не дека ги прекина односите со него за да ја заштити автономијата на Југославија

 

Влијателниот бриселскиот веб-сајт „ЕУобсервер“ денеска пишува дека ЕУ се соочува со ново фијаско околу приширувањето по најавената блокада на Бугарија на Македонија затоа што Софија на европската маса го донесе својот „историски багаж“, внесувајќи ги во играта дури и Хитлер, Сталин и Тито. Софија сака тие дури и да бидат запишани во рамката за преговори на Македонија. Што пишува „ЕУобсервер“?

„Тоа требаше да биде техникалија, но се претвора во ново фијаско за проширување на ЕУ и Западен Балкан, влечејќи ги Хитлер, Сталин и Тито.

27-те министри за работи на ЕУ, кои се состанаа преку видео-врска во вторникот (17 ноември) и предводени од германското претседателство со ЕУ, требаше да дадат знак за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија пред Божик.

Тоа требаше да се случи по долго одложување поради грчкото вето кое заврши во 2018 година, кога Скопје го смени името на својата земја за да ја задоволи Атина.

Тоа требаше да се случи по француското вето во 2019 година, кога земјите од ЕУ го сменија начинот на проширување за да го задоволат Париз.

Но, наместо тоа, на разговорите во вторник ќе се види ново бугарско вето, засновано на она што еден висок дипломат на ЕУ го нарече ‘сите овие историски работи како багаж’.

Багажот ги вклучува бугарските барања учебниците по историја на Северна Македонија да ги отфрлат тврдењата за македонскиот идентитет на некои историски личности и за небугарското потекло на нејзиниот јазик.

Бугарија, исто така, сака во учебниците да престане да пишува дека е виновна за фашистичката окупација на Северна Македонија во Втората светска војна, иако таа ја окупира, како една од државите од оската на Хитлер.

И сака во учебниците да пишува дека поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито бил послушник на советскиот лидер Јосиф Сталин, иако Тито се раздели со Сталин во 1948 година за да ја заштити автономијата на Југославија.

Овој вид несогласувања требаше да ги реши заеднички панел историчари според условите на договорот за ‘пријателство’ меѓу Софија и Скопје во 2017 година.

Но, сега, Бугарија сака тие да бидат запишани во ‘рамката за преговори’ на ЕУ за разговорите за пристап на Северна Македонија.

‘Тековната нацрт-рамка за преговори за Република Северна Македонија не ги одразува нашите грижи и не можеме да ја одобриме како што е во моментот’, рече бугарското Министерство за надворешни работи за ‘ЕУобсервер’ во понеделникот.

‘Нашите барања се целосно во согласност со принципот на добрососедски односи и се целосно легитимни’, се вели во изјавата.

‘Сега е време Република Северна Македонија да демонстрира вистинска политичка волја и да ги прифати европските вредности’, велат оттаму.

Но, има мал апетит меѓу колегите на Бугарија во ЕУ за промена на текстот на нацрт-рамката кој беше договорен во март.

‘Станува збор за методологија. Ова [проширувањето] не е инструмент за решавање на билатералните спорови’ рече високиот дипломат на ЕУ.

‘Оваа [рамка за преговори] има потреба од едногласност, но и да биде договорена со земјата што треба да влезе во процесот на проширување’, забележа дипломатот.

А во Северна Македонија има малку симпатии за тоа.

‘Барањата на Бугарија од изминатата година го надминуваат опсегот на договорот од 2017, тие влијаат врз идентитетските прашања, што не е прифатливо за нас’, рече претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски за ‘ЕУобсервер’, исто така во понеделникот.

Договорот од 2017 година имаше за цел ‘да ги оддели историските од политичките прашања’, додаде тој.

‘Ова овозможува разликите во однос на историјата да бидат предмет на академска дискусија, а не дијалог меѓу земјите’, рече тој.

Дебатата, без оглед дали станува збор за методологијата на ЕУ или за Тито, нема да се одржи во вторник.

Ветото на Бугарија ќе биде ‘кратка точка’ на набиената агенда, која ќе се занимава и со буџетот на ЕУ, климатските промени и тероризмот, предвиде дипломатот на ЕУ.

И Германија, заедно со Европската комисија, ќе се обиде да ги урне оградите меѓу Софија и Скопје преку други формати.

„Ова не е крај. Дискусиите ќе продолжат“, рече бугарското Министерство за надворешни работи.

Но ‘не останува уште многу време’ за успех оваа година, рече дипломатот на ЕУ, пред Германија, највлијателната европска земја, да ѝ ја предаде диригентската палка на претседателството на ЕУ на Португалија на 1 јануари.

Ограничувања на патувањето во пандемијата ја отежнуваат и меѓународната дипломатија.

А, во меѓувреме, силите против ЕУ во Западен Балкан, без разлика дали се националистите во Северна Македонија или руската пропаганда што им дава поддршка, можат да го искористат фијаското во Бугарија за да напредуваат.

‘Ова е Европа. Луѓето овде веруваат во европските вредности, ја поддржуваат европската интеграција’, рече Пендаровски.

Но ’недостатокот на напредок во интеграцијата во ЕУ може да има штетно влијание врз реформскиот процес и индиректен ефект врз [верувањето во] европските вредности’, додаде тој.

Од своја страна, некои извори во Скопје веруваат дека бугарското вето е популистичка каскада да му помогне на премиерот Бојко Борисов да биде реизбран на пролет.

Некои дури сметаат дека тоа може да биде поврзано со руското влијание во Софија.

‘Не можам да коментирам дали Бугарија има некоја друга агенда’, рече Пендаровски за овој веб-сајт.

‘Но, јас цврсто верувам дека е во интерес на Бугарија, како и во интерес на ЕУ да ги реши отворените прашања наскоро’, додаде тој.

‘Ова ќе ни овозможи да се фокусираме на најголемиот приоритет на луѓето во регионот – стабилност, подобар животен стандард, особено во време кога, поради пандемијата Ковид-19, видовме дека солидарноста и соработката во Европа] немаат алтернатива’, рече тој“, пишува „ЕУобсервер“.