ЕУ нека се разбира со Македонија, а не Софија, вели бугарскиот вицепремиер Асен Василев

ЕУ треба барем делумно да го прифати бугарскиот став. И кога ЕУ ќе го прифати, проблемот ќе биде меѓу ЕУ и Македонија, а не меѓу Македонија  и Бугарија, вели најблискиот соработник на премиерот Петков


Асен Василев вели дека Бугарија премногу чекала да ги каже своите забелешки

 

Најблискиот соработник на бугарскиот премиер ја префрли одговорноста за симнување на ветото на Софија за Македонија врз Европската унија. Асен василев, вицепремиер и министер за финансии, изјави дека Бугарија долго време чекала да ги каже своите забелешки, но дека веќе не чека.

„Вистината е дека има проблем и тоа не може да се стави под тепих. Проблематично е она што доаѓа од Европа: Договорете се со Македонија за откочување на процесот. Првиот чекор генерално, за да започнеме со откочување на процесот, е да ги убедиме нашите европски партнери дека не е Бугарија таа што треба да се разбере со Северна Македонија, туку ЕУ треба да се разбере со Северна Македонија. Тоа значи дека ЕУ треба барем делумно да го прифати бугарскиот став дека има проблеми со говорот на омраза, со проблемите на Бугарите во РСМ. И кога ЕУ ќе го прифати ова, проблемот ќе биде меѓу ЕУ и Македонија, а не меѓу Македонија  и Бугарија. Сè додека немаме поширока посветеност и разбирање за нашиот став, Бугарија нема начин да го укине ветото“, рече Василев во разговор на бугарската телевизија Нова ТВ.

Според него, поминало многу долго време во кое Бугарија не го поставувала тоа прашање. Тој ги оправда постапките на претходната влада која ја постави блокадата. „Го покренавме прашањето за РСМ во последен момент, па откако дадовме мислење до Европскиот совет, потоа технички го блокираме. Подолго време молчиме за ова прашање со РСМ, за разлика од Грција која 20 години велеше дека имаат проблем, а ние велевме нема проблем. И во последен момент кажавме дека има проблем. Ова не е ситуацијата на партијата Продолжуваме со промената, туку на целата држава и народ“, рече Василев.

Тој уште додаде дека опожарувањето на бугарскиот клуб во Битола не е насочено против Бугарија или Македонија, туку против тоа да се најде разбирање меѓу двете страни. „Нема шанси такво нешто да не влијае на емоцијата, па оттука и на разговорите и преговорите. Се надевам дека нема да има драматичен ефект“, нагласи Асен Василев.