ЕУ не сака да финансира ограда на границата меѓу Бугарија и Турција

„Ако трошиме пари на ѕидови и огради, нема да ни останат пари за други работи“, рече еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон


 

Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, го одби барањето на австрискиот канцелар Карл Нехамер за финансирање на дополнителна изградба на оградата долж бугарско-турската граница, пренесе австриската агенција АПА.

„Нема средства за ова во буџетот на Европската унија. Ако трошиме пари на ѕидови и огради, нема да ни останат пари за други работи“, рече Јохансон.

Таа зборуваше пред неформалниот состанок на министрите за внатрешни работи на земјите членки на Европската унија во Стокхолм. Во четвртокот, австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер го повтори барањето на Австрија за европски фондови. Според него, на оваа тема се воделе живи дебати, а на крајот имало „движење на случајот“.

На многу земји чии граници се и надворешни граници на ЕУ им е потребна помош, посочи австрискиот министер за внатрешни работи.

„Мислам дека многу земји ќе бидат заинтересирани границата да биде подобро чувана“, додаде министерот, мислејќи на бугарско-турската граница.

Според него, за оваа цел е потребна поддршка од Европската комисија „во различни аспекти“, на пример за техничките капацитети, но и за прашањето „во врска со оградите“.

Австрија се изјасни против проширувањето на Шенген со Бугарија и Романија, барајќи сеопфатна реформа на зоната за слободно патување.

И Холандија има резерви кон приемот на Бугарија. Во четвртокот, холандскиот министер за миграција Ерик ван дер Бург, исто така, рече дека е отворен за европско финансирање за гранични огради.

Бугарија инвестираше десетици милиони за изградба на ограда долж границата со Турција, но тоа се покажа како неефикасно. Мигрантите лесно ја прескокнуваат, а дел е компромитиран поради лошо одржување.