ЕУ не испорачува, но Македонија треба да остане на европскиот пат, вели Советот на Европа


Седиштетот на Советот на Европа

 

Стразбур – Коизвестувачите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за пост-мониторинг дијалог со Северна Македонија во нивниот извештај објавен деновиве во Стразбур, оценуваат дека неисполнетото ветување на ЕУ за отворање на пристапните преговори со земјата „ја поттикнало политичка нестабилност во државата, неизвесност и разочарување“. Сепак, тие ги охрабруват властите, опозицијата и граѓанското општество да останат посветени на нивните европски цели и да продолжат да работат со Советот на Европа.

Во ревидираната информативна белешка објавена како дел од пост-мониторинг дијалогот на Собранието со Северна Македонија, Лиз Кристоферсен (Норвешка, СПЦ) и Золт Ченгер-Залан (Унгарија, ЕНП/ЦД) рекоа дека сè уште постои „цврст консензус“ во земјата кој е во корист на процесот на европска интеграција.

И покрај неколкуте трауматски настани во 2021 година, Северна Македонија покажа издржливост, меѓуетничките односи останаа стабилни, а појавата на нови политички партии покажува жива политичка сцена, рекоа коизвестувачите, оценувајќи ги притоа последните случувања.

Земјата направи „многу напори да ги подобри своите стандарди“ во последниве години, но овој напредок „треба да се консолидира и законите целосно да се применат“, велат тие. „Изгледите за интеграција во ЕУ може да бидат силен фактор за поттикнување да се направат реформи, да се подобрат нормите и на крајот да се подобрат условите за живот“.

Во последниве години, земјата направи многу напори да ги подобри своите стандарди. Овој напредок мора да се консолидира и законите да бидат целосно имплементирани. Сè уште постои силен консензус меѓу политичките партии во Северна Македонија за процесот на европска интеграција заснован на европските вредности. И покрај позитивниот сигнал добиен од Европската унија во 2020 година, разочарувачки е што ЕУ досега не ги исполни ветувањата и сè уште не успеа да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија, се вели во извештајот на мониторинг комисијата на ПССЕ.

„Ние, исто така, забележуваме со загриженост дека неисполнетото ветување на ЕУ поттикна политичка нестабилност, несигурност и разочарување во земјата. Од друга страна, перспективата за интеграција во ЕУ може да биде моќен поттик за преземање реформи, за подобрување на стандардите на земјата, кои треба да се засноваат на стандардите на Советот на Европа и конечно за подобрување на условите за живот на населението“, констатираат известувачите.

„Затоа ние ги охрабруваме властите на Северна Македонија, како и опозицијата и граѓанското општество, да останат посветени на нивните (пан)европски цели и продолжат да работат во соработка со Советот на Европа. И ги охрабруваме соседните земји – и на прво место Бугарија – да ги поддржат европските аспирации на Северна Македонија, во интерес на граѓаните на земјата и на целиот регион. Во таа насока, повторното започнување на политичката и економската соработка меѓу Скопје и Софија во 2022 година го сметаме за охрабрувачки знак за продолжување на преговорите и изнаоѓање на потребниот политички компромис што на крајот може да доведе до отворање на преговорите за членство во ЕУ“, се нагласува во извештајот на ПССЕ. (МИА)