ЕУ креира дигитален паричник за безбеден пристап до услугите за граѓаните во 27 земји


Европската унија (ЕУ) денеска треба да објави планови за воведување дигитален паричник ширум блокот од 27 нации, по барањата на земјите-членки да се најде начин за граѓаните безбедно да пристапат до јавни и приватни услуги преку Интернет, пишува „Фајненшл тајмс“.

Апликацијата ќе им обезбеди на граѓаните ширум ЕУ безбеден пристап до низа приватни и јавни услуги преку единствена идентификација преку Интернет, се вели во написот на британскиот дневен весник, пренесува Ројтерс.

Дигиталниот паричник ќе обезбеди зачувување на податоците за плаќање и лозинките и ќе им овозможи на граѓаните од сите 27 земји-членки да се најават на веб-страниците на локалната самоуправа или да плаќаат сметки за комунални услуги со користење на признат идентитет, додаде ФТ, повикувајќи се на луѓе директно вклучени во плановите.

Меѓу другите методи, ширум ЕУ кон апликацијата ќе може да се пристапи со скенирање отпечаток од прст или на мрежницата, а исто така ќе служи и како сеф во кој корисниците можат да чуваат лични официјални документи како што се возачки дозволи итн.

Официјалните претставници на ЕУ ќе спроведат структурно раздвојување за да ги спречат компаниите кои пристапуваат до корисничките податоци да го користат паричникот за какви било други комерцијални активности, како што е маркетинг на нови производи.

Брисел активно учествува во преговорите со земјите-членки за овој проект со цел да обезбеди насоки за техничките стандарди за воведување дигитален паричник, кој се очекува да биде целосно оперативен за околу една година, пишува Фајненшл тајмс.