ЕУ ќе нѐ потсети да го спроведеме Договорот со Бугарија


Во декларацијата за самитот во Загреб, што ќе се одржи утре преку виртуелна конференција на лидерите, и на кој треба да учествува премиерот Оливер Спасовски, ќе стои дека Македонија треба да ги имплементира договорите со Грција и со Бугарија.

Бугарските медиуми тоа го ставаат во контекст на заканите на Софија пренесени во Брисел дека, ако не се обнови (а нема да се обнови) работата на заедничката комисија за историски прашања, тие ќе го блокирале почетокот на меѓувладината конференција на ЕУ со Македонија. Бугарските закани и пред неколку месеци зедоа залет, па се издишаа, откако францускиот претседател Емануел Макрон реши да не ни даде одлука за преговори, така што нивното покажување мускули на Македонија немаше на што да се потпира. На Париз тогаш не му беше гајле што на Софија ѝ треба датумот за да ја условува Македонија.

„Еурактив“ денес прашал висок претставник на Советот на ЕУ дали спорот меѓу Софија и Скопје е во радарот на институцијата, а официјалниот претставник го посочил ставот 9 од Нацрт-декларацијата како „посветен на оваа тема“. Во него се повикува Македонија да ги реши билатералните прашања.

„ЕУ целосно го поддржува залогот на партнерите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на ЕУ. Спроведувањето на билатерални договори со добра волја и со материјални резултати, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, останува важно во овој поглед“, стои во ставот 9 на декларацијата од Загреб.

Во истиот став има и дел што се однесува на целиот регион, и кој не се разликува многу од пораките што досега ги праќаше Унијата:

„Потребни се понатамошни и одлучувачки напори за помирување и регионална стабилност, како и за изнаоѓање и спроведување на конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и прашања  вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и утврдените принципи, вклучително и Договорот за прашања од сукцесија (на поранешна Југославија). “

„Еурактив“, кој е пристрасен кога е во прашање Бугарија, предупредува дека доколку ВМРО-ДПМНЕ повторно дојде на власт на скорешните избори, голема е веројатноста земјата да остане блокирана и да ја обвини Бугарија како нејзин главен непријател. Причина за тоа, според „Еурактив“, е што оваа партија под раководство на Никола Груевски не се ни обидувала да успее во евроинтеграцијата барајќи изговори да обвини други за блокирањето на европската иднина на земјата.