ЕУ ќе наплаќа 7 евра за влез од 2023 година
Доколку сакате да посетите некоја од земјите членки на Европската Унија, од мај 2023 година ќе треба да издвоите дополнителни 7 евра.
ЕУ соопшти дека тогаш ќе стартува Европскиот систем за патнички информации и авторизација (ЕТИАС) со кој за сите граѓани од земјите кои безвизно можат да патуваат низ Унијата, ќе биде неопходно пополнување електронска апликација за детална безбедносна проверка.
Според најавите оваа апликација ќе се пополнува едноставно, онлајн, за 10-тина минути, а со оваа процедура ќе бидат опфатени околу 60 држави низ светот, меѓу нив и Северна Македонија.
За оние држави на кои досега им беше потребна виза за влез во ЕУ, постапката останува иста. Од пополнување на овој систем се ослободени жителите на ЕУ, кои имаат можност слободно да патуваат низ Унијата.
„Главната причина за одобрување на ЕТИАС авторизацијата е безбедноста. Со зголемениот ризик од патниците низ целиот свет, ЕУ сака да обезбеди безбедно патување во нејзините држави. ЕТИАС значајно ќе ги намали безбедносните грижи низ нејзините информации и системи за собирање податоци. Ова значи дека ЕТИАС ќе детектира доколку одредена личност е закана по било каков начин за безбедноста на земјите од Шенген зоната. Ова ќе води кон тоа на лицето да му биде одбиен влез и ќе биде избегната заканата во границите на ЕУ. На овој начин системот се соочува со проблемот, пред тој воопшто да стигне во ЕУ“, изјави поранешниот претседател на Европската Комисија, Жан Клод Јункер во 2016 година, кога беше најавен ЕТИАС системот.
Сите кои ќе аплицираат во системот ќе треба да остават лични податоци, адреса, телефонски број и мејл адреса, образование, а ќе треба да дадат и одговори за причината за патувањето.
Од ЕУ велат дека процесот на аплицирање ќе биде преку автоматизиран ИТ систем, а одобрувањето ќе се добива за неколку минути за околу 95% од апликантите. Максималното време за одобрување ќе биде еден месец, а, според ЕУ, тоа ќе биде потребно во исклучително ретки случаи.
ЕТИАС авторизацијата ќе биде валидна за неограничен број на влезови во ЕУ во следните три години, или до истекот на важноста на пасошот. Цената за оваа електронска услуга ќе изнесува 7 евра за луѓето на возраст од 18 до 70 години. Се` уште е непознато дали останатите ќе можат да аплицираат по намалена цена или за нив оваа процедура ќе биде бесплатна.
Повеќе информации за ЕТИАС системот на следниов ЛИНК.