ЕУ ќе мора да увезува шеќер, производството падна за 10 отсто


Производството на шеќер во ЕУ и Велика Британија од минатогодишната реколта на шеќерна репка може да биде за 10 проценти пониско во споредба со претходната година, така што ЕУ ќе мора да увезува шеќер, пренесува интернет порталот agroklub.rs.
Според пишувањето на овој портал, како што прнесува СЕЕбиз, се проценува дека во ЕУ ќе бидат произведени 16,3 милиони тони шеќер, додека во периодот 2020/2021 година ќе се намали на 15,4 милиони тони, што значи дека ЕУ ќе мора да увезува шеќер.

Се наведува дека причините за падот на производството се незаинтересираноста на земјоделците за шеќерна репка заради ниските цени и земјоделските култури, сушите, болестите и штетниците што ја напаѓаат шеќерната репка и забраната за употреба на некои пестициди.

Земјоделците во Франција и Германија, кои се водечки земји во производството на шеќер во ЕУ, посеале 2,3 проценти помалку шеќерна репка во 2020 година, што предизвика затворање на голем број фабрики за шеќер во тие земји.

„Очекувам дека оваа индустрија веројатно повеќе нема да може да ја снабдува прехранбената индустрија“, рече д-р Херман Јозеф Шмиц од Фајфер и Ланген за „Аграруте“ во Германија.

Тој додаде дека поради сушата и вирусните заболувања во Франција, приносот на шеќерна репка е намален за околу 25 проценти, што е најлош резултат во последните 20 години.

Шмиц процени дека цената на белиот шеќер на европскиот пазар во октомври 2020 година поради увозот од Бразил падна на 381 евро за тон, што не е доволно за одржливо одгледување шеќерна репка во ЕУ.