ЕУ ќе инвестира 233 милиони евра во 12 еколошки проекти


Европската комисија донесе одлука да инвестира над 233 милиони евра во 12 нови стратешки проекти низ Европа за поддршка на остварување на целите на ЕУ за животната средина и климата согласно Европскиот зелен договор.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за проекти во Австрија, Бугарија, Ирска, Италија, Литванија, Полска, Финска, Франција, Чешка и Шпанија, преку кои овие 10 земји членки треба да ги постигнат своите национални цели за животната средина и климата и во исто време да зголемат својот придонес во зелената транзиција на ЕУ. 

Во овие стратешки проекти се очекува дополнително да бидат издвоени значителни средства од други извори на ЕУ, вклучувајќи ги земјоделските, структурните, регионалните и истражувачките фондови, како и од буџетите на националните влади и од инвестиции од приватниот сектор. 

Станува збор за проекти за прогласување на најмалку 30 отсто од поморската територија на Ирска за заштитени морски области, за подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на енергетската сиромаштија и зголемување на енергетската ефикасност во регионот Подкарпатие во Полска, како и за подобрување на квалитетот и управувањето со водите во Литванија. 

Шест проекти се поврзани со заштита на природата и биодиверзитетот на стотици локации во Австрија, Италија, Ирска, Финска, Франција и Чешка, а останатите три проекти се однесуваат на намалување на емисиите на јаглерод во финското земјоделство, обезбедување одржлива урбана мобилност со нула емисии на штетни гасови во шест општини во Бугарија, како и за забрзување на климатската адаптација на Пиринеите, со што се опфатени Франција и Шпанија, како и Андора која не е членка на ЕУ. 

Станува збор за проекти што се реализираат преку финансиски инструмент на ЕУ за еколошка и климатска акција „ЛАЈФ“, преку кој од 1992 година, па до денес се кофинансирани преку 5.500 проекти во ЕУ и во трети земји.  

Средствата наменети за финансирање на проекти преку програмата „ЛАЈФ“ за периодот 2021-2027 година се зголемени за речиси 60 отсто на 5,4 милијарди евра, при што е вклучена и нова потпрограма за транзиција кон чиста енергија.