ЕУ ќе и даде на Украина 1,4 милијарди евра од рускиот замрзнат имот


 Европска Унија доби 1,4 милијарди евра приход од каматата на замрзнатиот имот на Централната банка на Русија и средствата ќе ги насочи на поддршка на Украина, соопшти Европската комисија.

Во соопштението на ЕК се наведува дека тоа е четврта транша средства од камата на замрзнатиот имот на руската Централна банка, што се блокирани во согласност со санкциите на ЕУ поради војната против Украина.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен изјави дека парите ќе бидат насочени кон финансирање на функционирањето на украинската држава, зачувување на јавните услуги и поддршка на вооружените сили.

– Нашата посветеност на победата и слободата на Украина останува непоколеблива, наведе Лајен.

Планирано е 95 проценти од средствата да бидат насочени преку механизмот за заем за Украина, кој обезбедува неповратна поддршка за отплата на макрофинансиската помош на ЕУ и заеми од земјите од Г7, со вкупна вредност од 45 милијарди евра. Останатите пет проценти ќе бидат доделени на Европскиот мировен фонд, наменет за покривање на итните воени и одбранбени потреби на Украина.

Комесарот за економија на ЕУ, Валдис Домбровскис оцени дека на овој начин санкциите против Русија се претвораат во конкретна помош за Украина.

– Со овој потег, Европа покажува дека Русија ќе ги сноси последиците, бидејќи средствата од нејзините резерви се користат за опстанок и обнова на Украина, посочи Домбровскис.

Замрзнувањето на средствата на Централната банка на Русија е дел од поширок пакет санкции што ЕУ и нејзините членки ги воведоа како одговор на руската агресија врз Украина. Поради забраната за трансакции со овие средства, во финансиските институции на ЕУ се акумулирани значителни средства од доспеани инструменти, што доведе до создавање дополнителни приходи.

Советот на ЕУ во февруари 2024 година одлучи дека институциите што управуваат со овие средства мора да ги распределат и чуваат генерираните приходи, додека во мај истата година беше усвоена законската рамка за нивно користење во корист на Украина. На крајот на 2025 година беше донесена одлука со која трајно се забранува префрлање на замрзнатите средства од руската Централна банка на Москва. /МИА