ЕУ ќе го откочи потенцијалот на вашата економија: Интервју со Борис Вујчиќ, гувернер на Хрватската народна банка

Мојот совет е едноставен – вложете максимални напори и влезете во ЕУ, а потоа и во еврозоната што е можно поскоро. Самото влегување во ЕУ претставува една голема структурна реформа што ќе го откочи потенцијалот на вашата економија. Исто е и со влегувањето во еврозоната, вели за „Независен“ хрватскиот гувернер Вујчиќ
Мирче Јовановски
Борис Вујчиќ, педесет и шест годишниот гувернер на Хрватската народна банка е добро познат во македонската јавност, како преку исклучително плодната соработка што ХНБ ја има со Народната банка на Северна Македонија и неговото учеството на повеќе конференции во нашата земја, така и со претседателствувањето со Виенската иницијатива преку која се заложи и за добивање на 400 милиони евра репо линија за НБМ од страна на Европската централна банка. Непосреден и отворен за дијалог, за многумина Вујчиќ е нетипичен банкар, а искуството што го има зад себе како гувернер (во 2000 г. беше назначен за заменик гувернер, а од 2012 за гувернер), претходно како универзитетски професор и потоа заменик на главниот преговарач со ЕУ, го прави исклучителен соговорник. Повод за ова интервју за „Независен“ беше неодамнешното влегување на Хрватска во таканаречената чекалница за влез во еврозоната, но гувернерот Вујчиќ одговори и на други прашања поврзани со актуелната криза предизвикана од пандемијата со КОВИД-19, за улогата на централните банки, а стана збор и за предизвиците со кои ќе се соочи Македонија во преговорите со ЕУ, за одземањето дозволи на банките и за други актуелни теми.
Господине Вујчиќ, Хрватска и Бугарија неодамна беа примени во Европскиот механизам за девизен курс, ЕРМ II, што е несомнено голем успех, но и предизвик за државата и за централната банка која има многу обврски што треба да ги реализира во следните две години. Како стојат работите во овој поглед три месеци по приемот во чекалницата за влез во еврозоната?
Пред сè, би сакал да истакнам дека сме задоволни што успешно го остваривме приклучувањето на хрватската куна во европскиот механизам за девизен курс ЕРМ II и тоа целосно во согласност со првично утврдениот план, односно во најкусиот можен рок. Самиот влез во механизмот за девизен курс ЕРМ II, кој некои го нарекуваат и „чекалница за еврото“, во формална смисла значи дека од тој момент започнува мерењето на времето до моментот на влегување во еврозоната. Во практична смисла, ова е критичен чекор кон воведување на еврото, бидејќи од тој момент вратата за воведување на еврото е целосно отворена за нас, а самата реализација и брзината на воведувањето на еврото зависи целосно од нас. Исто така, сакам да нагласам дека самото влегување во механизмот на девизниот курс за нас, односно за нашата политика на девизен курс, не претставува никаква промена. И натаму продолжуваме да ја спроведуваме истата монетарна и политиката на девизниот курс што ги спроведуваме повеќе од четвртина век. Во механизмот за девизен курс треба да поминеме минимум две години и да ги исполниме номиналните критериуми на конвергенција што се однесуваат на буџетскиот дефицит и јавниот долг, нивото на инфлација и на каматните стапки, како и стабилноста на девизниот курс. Ова исто така значи дека првиот можен момент за проверка на Хрватска е средината на 2022 година, кога би можела да се донесе одлука за воведување на еврото во 2023 година.
Покрај номиналните критериуми за конвергенција, треба да се напомене дека во барањето за влез во ЕРМ II, Хрватска ја нагласи својата цврста намера да продолжи со спроведување на реформските мерки (т.н. post-entry commitments) релевантни за постигнувањето висок степен на одржлива економска конвергенција и за успешно учество на Хрватска во еврозоната. Станува збор за осум мерки од четири области. Тоа се зајакнување на рамката за борба против перење пари по транспонирањето на Петтата директива за спречување на перење пари (Директива АМЛ5), понатамошно намалување на административното и финансиското оптоварување на економијата, подобрување на корпоративното управување во државните претпријатија преку ревизија и усогласување на регулативите и практиките во согласност со упатствата на ОЕЦД и зајакнување на националната рамка за стечај во согласност со Директивата (ЕУ) 2019/1023 на Европскиот парламент и Европската комисија од 20 јуни 2019 година.
Убеден сум дека Хрватска ќе ги исполни сите споменати реформски мерки брзо и ефикасно и дека и покрај надворешниот шок предизвикан од пандемијата со КОВИД-19, ќе ги исполниме сите номинални критериуми за конвергенција до крајот на следната година. Во таа смисла, очекувам Хрватска да го воведе еврото во најкусиот можен рок. За да се постигне оваа цел, секако е потребно да се направат низа технички, логистички и правни подготовки во целата економија, со цел на 1.1.2023. да бидеме оперативно подготвени за воведување на еврото. Затоа, веќе сега, оваа есен, заедно со Владата, имаме намера да претставиме документ наречен Национален план за замена на хрватската куна со еврото, со кој ќе се регулираат практичните чекори во постапката на воведување на еврото.

СТИГЛИЦ НЕ Е ВО ПРАВО
Вие сте голем поддржувач на воведувањето на еврото, но интересно е тоа што некои познати светски економисти (Џозеф Стиглиц, на пример) сметаат дека Хрватска со тоа ја губи флексибилноста да одговори на можната економска криза (можност за интервенција со курсот и со каматните стапки). Од друга страна, членките на еврозоната можат да се потпрат на силниот Европски механизам за стабилност (ЕСМ) во случај на криза. Кога ќе се споредат сите работи, дали сметате дека напорите и прилагодувањата на една земја, особено релативно мала и отворена економија како Хрватска, се вредни за да се прифати еврото?
Се познавам со професорот Стиглиц многу години и сме седеле заедно на многу панели, од Пекинг, Париз, Њујорк и морам да кажам дека нашите мислења честопати се разликуваа, не само на оваа тема, туку и на некои други. Тој е голем економист, кого многу го ценам, но што се однесува до неговите практични совети за економската политика за малите високо евроизирани земји, во никој случај не би можел да се согласам со нив. Тој едноставно не гледа дека малите земји како Хрватска, кои се високо евроизирани, ја немаат флексибилноста за која зборува. Имено, несомнено е дека за време на оваа криза проф. Стиглиц би предложил девалвирање на валутата, бидејќи таквиот потег би го „олеснил“ поминувањето низ кризата и самото прилагодување. Но, ние многу добро знаеме што всушност би произвела таквата девалвација. Тоа би имала спротивен ефект, би дошло до зголемување на реалната вредност на товарот на долгот (бидејќи долгот во земја како Хрватска е врзан со странска валута), до намалување на потрошувачката и инвестициите, пад на БДП и вработеноста и истовремено зголемување на нефункционалните заеми. Доколку оваа негативна спирала на долгот и девалвација се развие во неколку повторувања, сето тоа би завршило со должничка, банкарска и платно-билансна криза. Затоа, не случајно земјите како Хрватска се грижат за стабилноста на девизниот курс. Ова е апсолутна основа за одржување на макроекономската и финансиската стабилност, што особено доаѓа до израз во време на криза.
Истакнатиот економист и нобеловец Пол Кругман, кој ја посети Хрватска во 2012 година, рече дека еден од неговите најлоши кошмари е да се разбуди како премиер на мала отворена економија на периферијата на еврозоната
Она што исто така треба да се има на ум е дека не го делат сите нобеловци мислењето на проф. Стиглиц за ова прашање. На пример, истакнатиот економист и нобеловец Пол Кругман, кој ја посети Хрватска во 2012 година, рече дека еден од неговите најлоши кошмари е да се разбуди како премиер на мала отворена економија на периферијата на еврозоната. Во таква ситуација, маневарскиот простор за користење на која било макроекономска политика е исклучително тесен, единственото нешто што земјата го има на располагање се реформите, зголемување на ефикасноста и т.н. „внатрешна девалвација“.
Дали корона кризата може да ја отежне оваа последна фаза од влезот на Хрватска во еврозоната, имајќи предвид, на пример, дека падот на БДП на Хрватска во вториот квартал беше 15%, претпоставувам дека приходите во Буџетот се намалија, се зголеми буџетскиот дефицит… Дали постои опасност за одржување, односно исполнување на преостанатите критериуми од Мастрихт?
Овој ризик не може да се елиминира, неизвесноста е сè уште зголемена и се чини дека ниту епидемиолозите не можат да го предвидат текот на пандемијата со КОВИД-19, а тогаш е тешко да се предвиди нејзиното влијание врз економиите во Европа и пошироко. Сепак, би сакал да нагласам и дека според сегашните макроекономски проекции, не само нашите, туку и на Европската комисија, Хрватска се очекува веќе следната година да ги исполни сите Мастришки критериуми за номинална конвергенција, што би значело дека според ова сценарио треба да добиеме позитивна оценка во 2022 година, што е основа за донесување на одлуката за воведување на еврото во 2023 година.
Лично, верувам дека ова сценарио е реално и поверојатно од можно негативно сценарио, меѓу другото и затоа што веќе сега може да се забележи дека земјите во принцип немаат намера повторно да ги „заклучуваат“ своите економии како што правеа во пролетта оваа година. Следствено, влијанието на КОВИД-19 пандемијата, дури и во негативното сценарио за продолжување и продлабочување на пандемијата, нема да има толку изразен ефект врз економската активност.

Во многу земји кои го прифатија еврото, кога националната валута беше заменета цените се зголемија. Дали очекувате такво нешто во Хрватска?
Апсолутно не очекувам раст на цените заради воведување на еврото во Хрватска. Исто така, би сакал да кажам дека порастот на цените што сугерирате дека се случил во други земји за време на нивното воведување на еврото, не одговара на фактичките наоди. Инфлацијата, на пример, во новите земји-членки на ЕУ што го воведоа еврото во годината на воведување на еврото, според серија истражувања, во просек беше повисока отколку што инаку би била за само 0,2-0,3 процентни поени. Значи, ако инфлацијата во тие земји во годината на воведување на еврото би била 2,0 проценти, како резултат на воведувањето на еврото, таа изнесуваше 2,2 или 2,3 проценти. Тука навистина не станува збор за било какво значително зголемување на цените, а камоли за покачување на цените што би влијаеле на животниот стандард.
Покрај тоа, би сакал да кажам дека Хрватска веќе сега има цени на голем број меѓународно разменливи стоки, како и во еврозоната, што нашите граѓани го забележуваат од прва рака кога влегуваат во продавници во Австрија, Словенија или во Италија. Затоа, едноставно нема причина за дополнителен притисок врз зголемување на цените. Покрај тоа, денес врз основа на искуството на земјите кои претходно влегоа во еврозоната, знаеме кои мерки треба да се преземат за да се спречи зголемување на цените, дали поради некоректно заокружување или поради неоправдано зголемување на цените. Тука, мислам пред сѐ на обврската за двојно искажување на цените, но исто така и на примена на механизмите на позитивна и негативна кампања, односно на механизми преку кои потрошувачите ќе можат да поднесуваат жалби за деловните субјекти кои ги зголемиле цените во време на воведување на еврото.
Она што исто така треба да се има предвид кога станува збор за воведување на еврото, зголемување на цените и животниот стандард е дека во сите нови земји-членки на еврозоната, кумулативниот раст на просечната плата беше поголем од кумулативниот раст на инфлацијата. Со други зборови, во овие земји дојде до зголемување на животниот стандард, што исто така очекувам да се случи и во Хрватска во период од 5 до 10 години по воведување на еврото.
СТАВЕТЕ ГО ФОКУСОТ НА ВАЖНИТЕ РАБОТИ
Македонија е далеку зад Хрватска, преговорите за членство се очекува да започнат до крајот на оваа година, но што би ѝ препорачале на нашата земја во процесот на преговори со ЕУ, а потоа, еден ден, и за влегување во еврозоната?
Мојот совет е едноставен – вложете максимални напори и влезете во ЕУ, а потоа и во еврозоната што е можно поскоро. Самото влегување во ЕУ претставува една голема структурна реформа што ќе го откочи потенцијалот на вашата економија. Исто е и со влегувањето во еврозоната.
Во самите преговори за членство во ЕУ, фокусот треба да биде на важните работи за кои може да се преговара. Имено, голем дел од европското законодавство треба да се пренесе со посебни закони во домашното законодавство, каде што има одредена флексибилност, истата цел може да се постигне на неколку различни начини. Токму во оваа флексибилност лежи областа на преговори и изнаоѓање на најдобриот начин во сопствената земја да се постигнат целите дефинирани со европското законодавство.

Централните банки во светот, како и во регионот, имаат значајна улога во сегашната економска криза, но колкав е нивниот капацитет да продолжат со политиката на вбризгување пари во економијата и со други мерки кои некои економисти ги опишуваат како „хиперкејнзијанизам“? Особено ако продолжи пандемијата, а јавниот долг на многу земји е над посакуваното ниво?
Централните банки во големите земји, како и во повеќе помали економии направија многу за да ја стабилизираат светската економија по избувнувањето на пандемијата. Мерките без преседан ги смирија тензиите на финансиските пазари, ги зачуваа поволните услови за финансирање и преку регулаторни мерки го олеснија одложувањето на кредитите и репрограмирањето на долговите. Сето ова им помогна на приватниот сектор и на државите да ја одржат ликвидноста во овие исклучително сложени околности.
Ваквата монетарна политика им помага на претпријатијата да преживеат и ја олеснува положбата на населението во услови на пад на животниот стандард. Сепак, монетарната политика сама не може да создаде закрепнување. Не може да произведе вакцина за новиот корона вирус, ниту може да ги охрабри граѓаните да излегуваат и да трошат додека се плашат од заразата. А тогаш и компаниите нема да вложуваат во зголемување на капацитетите и во нови производни линии, односно да ја зголемуваат вработеноста, и покрај исклучително поволните услови за финансирање. Покрај тоа, предолгиот период на исклучително лабава монетарна политика може да биде штетен за банкарскиот сектор и за долгорочниот раст на продуктивноста.
Важите за одличен познавач на состојбите во регионот. Кризата со КОВИД-19 најмногу ги погоди компаниите, банките досега беа поштедени во овој прв удар на кризата. Но, што ќе се случи понатаму кога компаниите ќе се соочат со проблеми во плаќањето на обврските кон банките, проблеми со ликвидноста… Може ли кризата да се прелее во банкарскиот сектор?
Банкарскиот систем во суштина зависи од стопанството бидејќи работи со стопанството и бидејќи економијата нагло ќе падне оваа година, а банките ќе ги почувствуваат последиците во смисла на намалени приходи, намалени профити. Некои банки сигурно ќе имаат загуби исто така. Сепак, банките, барем во Хрватска, се многу добро капитализирани. Ако ги погледнете нашите најголеми банки, системски важни, тие имаат околу седум и пол процентни поени вишок на капитал во споредба со регулаторните барања, а другите банки имаат околу 3 проценти вишок на капитал, така што тие се во состојба да го издржат овој удар што ќе го доживеат во 2020 година и во таа смисла заштедите се безбедни и не треба да се грижат за тоа. Се разбира, сите банки не се исти и еднакво способни да го издржат ударот на ваквата криза, но банкарскиот систем, како целина, е безбеден.
БАНКИТЕ ВО РЕГИОНОТ МОЖАТ ДА ОДГОВОРАТ НА ПРЕДИЗВИЦИТЕ ОД КРИЗАТА
Земјите во регионот се соочуваат со одлив на образовани кадри и работна сила, недостаток на инвестиции, корупција… Како да се искористи кризата како можност, можат ли овие земји да излезат посилни или ќе бидат уште поранливи по кризата?
Кризата ги истакна слабостите на стопанствата и на економското управување во регионот. Слабото вмрежување во меѓународните синџири на вредности и релативно силните епидемиолошки мерки го засилија падот на економската активност и го забавија закрепнувањето. Долгорочните штети од пандемијата веројатно ќе бидат особено изразена преку ослабување на резултатите од образованието. Децата пропуштија голем дел од минатогодишната настава и покрај сите напори, учењето на далечина не успеа целосно да ги замени редовните часови.
Сепак, знаеме дека во секое зло има нешто добро. Ограничувањата на движењето може некое време да го намали проблемот со емиграцијата што го оптоваруваше регионот. Во овој период бевме принудени да користиме многу повеќе различни технолошки решенија, што може да поттикне иден раст на продуктивноста. Конечно, закрепнувањето е многу поинтензивно во индустрискиот сектор, па затоа може да стане поинтересен за инвеститорите, особено ако се материјализираат ризиците од зајакнување на процесите на деглобализација и европските компании почнат да го селат производството од Далечниот исток.

Пред две години, престижниот „Банкар“ ви додели признание за најдобар европски гувернер и најдобар централен банкар на глобално ниво за вашиот придонес кон стабилноста на финансискиот систем во Хрватска и приближувањето кон еврозоната, но и за придонесот во регионот и претседателството со Виенската иницијатива. Од денешна гледна точка, како гледате на стабилноста на финансискиот систем во Хрватска и во регионот, кои се главните предизвици?
На краток рок, банките во регионот се добро позиционирани да одговорат на предизвиците што ги носи сегашната криза. Но, на среден и на долг рок, банките во регионот се изложени на истите предизвици како и глобалното банкарство.
Долгиот период на ниски каматни стапки негативно влијае на способноста на банките да генерираат задоволителни приноси за инвеститорите. Екстремно обемната и сложена регулатива, чиј опсег континуирано се зголемува, значително ги зголемуваат оперативните трошоци на банките. Понатаму, технологијата ги намалува трошоците за влез во многу сегменти на финансиско работење и одделни компании чие работење воопшто не е регулирано со посебни регулативи или се регулирани поинаку во однос на банките, стануваат конкуренти на банките. Конзервативизмот на банките е добар во многу сегменти, но кога станува збор за усвојување на напредни технолошки решенија, тогаш последицата од таквиот конзервативизам е големо оптоварување на деловните резултати на банките со трошоци за зградите и за персоналот. Технолошките компании кои им конкурираат успеваат да ги задржат оперативните трошоци на многу пониско ниво. Конечно, технологијата би можела да ја смени самата природа на парите и се поставува прашањето каква ќе биде улогата на банките во системите во кои централните банки би издавале дигитални валути.
Банкарството станува високо регулирана активност со сè посилна конкуренција и сè помала заработка. Начинот на кој банките реагираат на овие предизвици ќе ја дефинира и улогата на банките во овој век. Се разбира, регулаторите исто така мора да водат сметка за изедначување конкурентските услови на сите даватели на финансиски услуги.
Во Македонија, во екот на кризата, Народната банка ја одзеде лиценцата на една од деловните банки (Еуростандард банка) од причини што не се поврзани со пандемијата, туку со претходното лошо управување. Дали таква одлука е оправдана во услови на криза и какви се искуствата во Хрватска, дали ХНБ одзеде лиценца на банка за време на вашиот мандат?
Супервизијата врз банките е една од најнеблагодарните задачи, не само на централната банка, бидејќи тоа се прави под превезот на тајност, а пропаѓањето на банките редовно предизвикува големо внимание на јавноста. Затоа, би се воздржал од проценка на оправданоста за одземање на дозволата во кој било конкретен случај во кој, според природата на нештата, не можам да ги имам сите релевантни информации.
Ние во Хрватска, од кога сум јас во централната банка, затворивме над половина од кредитните институции, во ситуации кога стана јасно дека тие немаат одржлив деловен модел
Во однос на одземање на одобренија, генерално можам да истакнам дека јавноста честопати не разбира дека со навременото одземање на одобренијата за работа всушност се заштитуваат средствата на даночните обврзници. Ако чекате премногу долго за да го одземете одобрението, банката може да натрупа големи загуби над износот на капиталот, што потоа прво ги испразнува средствата од фондот за осигурување на депозити и на крајот може да создаде фискални трошоци доколку овие средства не се доволни. Затоа е во интерес на даночните обврзници супервизорот на банките да дејствува навремено ако оцени дека банката повеќе не е солвентна. Во тоа е големата разлика помеѓу трошоците за несолвентност на банките и трошоците за несолвентност на нефинансиските претпријатија, каде што само доверителите ги сносат трошоците. Ние во Хрватска, од кога сум јас во централната банка, затворивме над половина од кредитните институции, во ситуации кога стана јасно дека тие немаат одржлив деловен модел, токму навремено настојувајќи да ги намалиме трошоците за нивната несолвентност. Тоа го минимизираше трошокот на пропаѓањето на банките, а ја максимизираше отпорноста на банкарскиот систем.
Во случајот на Еуростандард банка, во медиумите кај нас и на социјалните мрежи се споменуваше името на хрватскиот бизнисмен Иван Жилиќ како потенцијален инвеститор кој е подготвен да ја преземе банката и да вложи значителен износ на средства. Дали е тој навистина сериозен инвеститор или контроверзна личност, како што пишуваат многу медиуми во регионот?
Господинот Жилиќ досега не инвестираше во хрватскиот банкарски сектор, така што не ги помина сите ригорозни контроли низ кои поминува секој купувач на банка. Затоа, би се воздржал од какви било оценки.
МОЖЕ ДА БИДЕТЕ ГОРДИ НА СТРУЧНОСТА И КАПАЦИТЕТОТ НА НБМ
Минатата година, Виенската иницијатива одбележа десет години од основањето. Колку оваа платформа, воспоставена по глобалната финансиска криза, придонесе за стабилноста на финансискиот систем и кои се приоритетите за наредниот период?
Виенската иницијатива беше формирана во контекст на разгорување на глобалната финансиска и кризата со јавниот долг во еврозоната, со цел координирање на активностите на сите засегнати страни во финансиските сектори на новите европски пазари. Во овој контекст, постигна извонреден успех, финансиските сектори во овие земји претставуваа столб на стабилност и покрај изразените макроекономски ранливости.
Со промената на контекстот, Виенската иницијатива постепено го смени фокусот и во последните години се занимаваше со развој на небанкарскиот сегмент на финансискиот пазар, со решавање на преостанатите нефункционални заеми и слични „мирнодопски“ теми. Како и да е, нејзината најголема вредност е платформата што ја овозможува за дијалог меѓу сите важни чинители на финансискиот сектор во време на криза.

Каква е соработката помеѓу Хрватската народна банка и Народната банка на Северна Македонија и во која насока треба да се подобри?
Колегите од ХНБ, како и јас, имаме континуирана одлична соработка со Народната банка на Северна Македонија, а особено со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. Од лично искуство, можам да сведочам за нејзиниот исклучителен придонес во работата на сите форуми на кои учествуваме, како што е нашата заедничка конституенца во ММФ или Виенската иницијатива. Со приближувањето и влезот на Северна Македонија во ЕУ, опсегот на заеднички теми ќе се зголеми, така што нашата соработка секако ќе се зајакне.
Северна Македонија може да биде горда на стручноста и работниот капацитет на раководството, како и на централната банка која е одлична институција и според релативно строгите стандарди на централните банки.
Кога ви беше најтешко во текот на вашиот мандат, има ли нешто што би го направиле поинаку со искуството што го имате сега?
Оваа работа не може да се извршува гледајќи во ретровизор. Секој ден носи нови и различни предизвици и бара максимална концентрација, не трпи бесконечно анализирање за тоа што и евентуално како можело да се направи поинаку. Сепак, мора да научиме одредени лекции од минатото.
Ако ги погледнам последните две децении колку што сум во раководството во Хрватската народна банка, мислам дека за тоа време ние во централно банкарската заедница научивме да посветуваме многу поголемо внимание на ризиците што се акумулираат во финансискиот сектор. Ова важи за сите земји, особено за малите и отворени економии како што се Хрватска и Северна Македонија. Постои постојана потреба да се градат нови и подетални извори на податоци за финансиските структури, како и нужност за проширување на арсеналот на инструменти што им се расположливи на централните банки за дејствување. Прашањата за заштита на потрошувачите и ризиците што ги преземаат граѓаните со задолжувањата, стануваат сè поважни, а во малите земји е важно и прашањето за грануларност на ризикот, односно фактот дека поради релативно малата големина на финансискиот систем, изложеноста кон одделни компании може да биде важен извор на ризик.
Ако, сепак, треба да го издвојам нај предизвикувачкиот настан во мојата кариера, тогаш тоа е токму она што се случи оваа пролет, кога ширењето на пандемијата и карантинот, или заклучувањето, ги смени повеќето пориви според кои научивме да работиме. Вонредните околности, исто така, бараат и вонредни мерки кои потешко се спроведуваат во малите отворени економии, покрај тоа и со висок степен на евроизација. Не беше воопшто лесно, особено во време на месецот кога кризата го достигна врвот, но успеавме да го стабилизираме бродот и сега тој е, верувам, на мирно патување до следното пристаниште, еврозоната.