ЕУ ќе формира специјален трибунал за Путин до крајот на 2024

Холандија се понуди седиштето на специјалниот суд да биде во Хаг. Во тек се последните договори за карактерот и надлежностите на судот


 

Меѓународен специјален трибунал за Владимир Путин и остатокот од „владејачката елита“ на Руската Федерација ќе биде формиран пред крајот на 2024 година, изјави европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс во интервју за Дојче веле на маргините на конференцијата „Враќање на правдата за Украина“. Според Рејндерс, сега има дискусии на Запад за ова судење „со различни меѓународни актери“ и во моментот „се разгледуваат две главни опции: меѓународен трибунал заснован на мултилатерален договор или поедноставено решение засновано на билатерален договор меѓу Украина и Советот на Европа“.

ЕУ, исто така, создаде нов систем за пренос на правните постапки: сега кривичните постапки од Украина, вклучително и кривичното дело агресија, може да се префрлат на овој специјален суд. Според Рејндерс, работата на создавањето на Трибуналот е при крај: „Следниот чекор е прашање на политичка волја. Тоа е само почеток на годината, но до крајот на годината тоа би требало да биде можно“.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба на истата конференција рече дека Западот повеќе не се плаши од идејата за специјален трибунал за руското раководство и конфискација на замрзнатите средства на Централната банка за да се компензира штетата на Украина: по повеќе од две години од целосна војна, дојде до промена во позицијата на меѓународната заедница за овие прашања. Дипломатот потсети дека во првите денови од војната, „разговорот за создавање специјален трибунал за кривично дело агресија започна со недвосмислено „не“ и одбивање на сите партнери.

Минатиот вторник, на 2 април, во Хаг се одржа конференцијата „Враќање на правдата за Украина“. Главниот резултат на настанот беше потпишувањето од страна на 44 земји на декларација за создавање на специјален суд за Русија за злосторства против Украина. Меѓу потписниците е и Македонија.

Документот ја осудува руската агресија врз Украина како флагрантно кршење на меѓународното право, а исто така ги повикува земјите да ја зајакнат заедничката акција за да обезбедат соодветна истрага за прекршувањата на меѓународното право извршени за време на руската војна против Украина. Во декларацијата беше истакната улогата на сите институции вклучени во истрагата на руските злосторства, вклучително и Меѓународниот кривичен суд, кој издаде налог за апсење на Владимир Путин. Покрај тоа, земјите го поздравија предлогот на Холандија во хаг да биде сместен специјалниот суд.