ЕУ ќе ѝ донира 600 милиони евра на Србија за реконструкција на пругата Белград-Ниш


Европската унија и Србија на крајот на февруари ќе потпишат договор за реконструкција на пругата Белград-Ниш, која ЕУ ќе ја финансира со донација од околу 600 милиони евра, објави во понеделникот порталот Демостат, повикувајќи се на извори во Делегација на ЕУ во Белград.

Донацијата на ЕУ за реконструкција на железницата е најголемата индивидуална неповратна помош за проекти што Србија досега ја добила од ЕУ, наведува Демостат.

Најавената донација ќе следи по договорот за пакетот енергетска поддршка на Европската унија за Србија, вреден 165 милиони евра, што беше потпишан минатата недела со Електромреже Србија.

Договорот за реконструкција на пругата, кој ќе чини вкупно околу 2,2 милијарди евра, ќе биде потпишан на крајот на февруари, а на церемонијата се очекува да присуствуваат претставници на српскиот државен врв, како и Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, изјавија од Делегацијата на ЕУ за Демостат.

Водечки финансиер на реконструкцијата на пругата Белград-Ниш е Европската инвестициска банка, која и одобри заем од 1,1 милијарда евра на Србија.

Европската банка за обнова и развој издвои 550 милиони евра, од кои дел ќе бидат финансирани од државниот буџет на Србија.

Реконструкцијата на линијата Белград-Ниш од околу 230 километри е еден од најзначајните железнички проекти во Србија, а кога пругата ќе биде завршена во 2029 година, возовите ќе можат да се движат со брзина до 200 километри на час.