ЕУ испраќа медицински тим и помош во Италија


Белгија – Романија и Норвешка, преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, испраќаат екипа на лекари и медицински сестри за да им помогнат на локалните доктори во Италија, соопшти денеска Европската Комисија.

Механизмот за цивилна заштита на ЕУ има за цел да го координира одговорот на ЕУ во кризни состојби.

Романските и норвешките медицински лица ќе се упатат веднаш во Милано и Бергамо, додека Австрија понудила да испрати три илјади литри гел за дезинфекција во Италија преку Механизмот.

-Овие лекари и медицински сестри, кои ги оставаат своите домови за да им помогнат на колегите во другите земји членки, се вистинското лице на европската солидарност. Цела Европа се гордее со вас, изјави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

Центарот за координација на реакциите на ЕУ работи 24 часа дневно, секој ден, слично на механизмите за хуманитарна помош надвор од ЕУ.

Активирани се и инструментите на европскиот сателитски систем Коперникус за да и се помогне на Италија, а властите во земјата вчера добиле залихи на лична заштитна опрема преку Механизмот. Други земји на ЕУ исто така испратиле заштитна опрема и преземаат италијански пациенти во своите болници за да го олеснат притисок врз италијанскиот здравствен систем, информира Европската Комисија.