ЕУ има предизвици, но спасот доаѓа од неочекуван правец! Овој сектор ќе отвори 4,5 милиони работни места до 2035 година

И покрај геополитичките пресврти, туризмот се издвојува како клучна сила зад закрепнувањето и растот на европската економија, најавувајќи нова деценија на можности и одржлив развој.
Во последниве години, Европската унија балансира помеѓу неколку геополитички турбуленции – од студените односи со Кина кои траат од времето на пандемијата, преку прекинот на соработката со Русија поради војната во Украина, па сè до најновите закани кои доаѓаат од САД, каде Доналд Трамп најавува политика што може да ги поткопа темелите на сето она што ЕУ го гради повеќе од три децении.
Сепак, еден сектор покажува извонредна издржливост и потенцијал да и помогне на европската економија да најде нова стабилност – туризмот.
Оваа индустрија забележа раст дури и за време на светската економска криза, а единствениот сериозен удар беше доживеан за време на пандемијата и повеќегодишните заклучувања (2020-2022), кога глобалното патување речиси престана. Сепак, и од тој шок, секторот успешно закрепнува, а податоците од 2024 година покажуваат речиси целосно враќање на патеките на претходните успеси.
Најновите анализи на Светскиот совет за патувања и туризам (WTTC) укажуваат на исклучително силно закрепнување и раст на секторот на глобално ниво веќе оваа година. Туристите се повеќе од кога било подготвени да трошат, што дополнително ја потврдува важноста на патувањето како клучен двигател на светските економии.
Според проценката на економското влијание на WTTC за 2025 година, меѓународните туристички трошоци ќе достигнат рекордни 2,1 трилиони долари, надминувајќи го претходниот врв во 2019 година (1,9 трилиони долари) за 164 милијарди долари, пишува Travel Daily News International.
Ова отвора огромна можност и за Европската унија. Долгорочните прогнози покажуваат дека туризмот во ЕУ до 2035 година ќе отвори дополнителни 4,5 милиони нови работни места, со што бројот на вработени во секторот ќе достигне над 30 милиони. Се очекува секој седми вработен во регионот да работи токму во туризмот, кој на тој начин ќе се позиционира како една од стратешки најважните гранки на европската економија.
Не е ни чудо, имајќи предвид дека Европа е континент со неверојатна густина на атракции – од природни убавини како плажи и планини, до богато културно и историско наследство кое вклучува градови, замоци и палати.
Колку туризмот придонесува за БДП?
Се проценува дека придонесот на туристичкиот сектор во БДП на ЕУ е зголемен на речиси 2,3 трилиони евра, додека неговото учество во вкупната економија сега е близу 11 отсто. Се предвидува туризмот да расте со побрзо темпо од останатиот дел од економијата во следната деценија, со сложена годишна стапка на раст (CAGR) од 1,8 отсто, во споредба со 1,3 отсто што се очекува за економијата на ЕУ како целина.
Исто така, даночните приходи од овој сектор ќе надминат 900 милијарди евра годишно, додека меѓународните туристи во следните десет години ќе потрошат околу 730 милијарди евра, а домашните посетители дури 1,2 милијарди евра.
Во исто време, ЕУ се стреми да го направи туризмот поодржлив. Иако во 2023 година придонесот на секторот изнесуваше околу 12 проценти од БДП, емисиите на јаглерод диоксид беа малку повисоки – 12,7 проценти од сите емисии во ЕУ – што ја покажува потребата од зелени иновации и одржливи практики во проширувањето на туристичката понуда.
А како изгледа глобалната слика за туризмот?
Според истото истражување, американскиот пазар е во пад оваа година, додека Кина стагнира со благи изгледи за раст. Сепак, сите погледи се насочени кон Арапскиот Полуостров, пред се Саудиска Арабија, која планира да инвестира повеќе од 800 милијарди долари во развојот на туристичката индустрија и инфраструктура – што би можело да го трансформира целиот регион во нов светски центар на туризмот.
Во свет во кој постојано се појавуваат нови играчи, а старите се обидуваат да ги зачуваат своите позиции, Европа останува посебна – континент кој може да ги користи своите историски, културни и природни предности. Можеби населението во Европа старее и градовите сè повеќе изгледаат како музеи на отворено, но токму тука лежи огромниот потенцијал за заработка.
Сè повеќе луѓе од сè побогатите делови на светот сакаат да го искусат она што Европа има да го понуди – а ЕУ сега има задача да обезбеди подобра поврзаност (и со воздушен и железнички пат – особено преку ноќни и меѓународни возови) и да развие туризам кој е одржлив, отпорен и доказ за иднината.