ЕУ и се заканува на Кина со санкции ако му помогне на Путин


Лидерите на ЕУ поседуваат „многу веродостојни докази“ дека Кина размислува за воена помош за Русија, изјави висок функционер на ЕУ за ПОЛИТИКО, заканувајќи се со потенцијални трговски мерки доколку продолжи испораката на оружје.

Тоа следува по сличното предупредување од американските официјални лица претходно оваа недела, дека руската влада побарала од Кина воена опрема и друга поддршка. Во последователниот извештај на „Фајненшл тајмс“ се вели дека Кина сигнализирала отвореност кон барањето. Веднаш не е јасно дали најновите информации на ЕУ потекнуваат од истите извори или од разузнавачките податоци на самата Европа.

„Лидерите на ЕУ имаат многу веродостојни докази дека Кина размислува да и пружи воена помош на Русија. Сите лидери се многу свесни што се случува“, рече високиот функционер на ЕУ кој сакаше да остане анонимен, бидејќи не е овластен јавно да зборува за доверливи информации. Тој не кажа каква помош побарала Москва.

„Загрижени сме поради фактот што Кина флертува со Русите“, додаде тој. ЕУ ќе „наметне трговски бариери против Кина“ доколку Пекинг продолжи со барањето на Русија, рече тој, бидејќи „тоа е единствениот јазик што Пекинг го разбира“.

Самитот ЕУ-Кина, закажан за 1 април со претседателот Си Џинпинг, ќе продолжи според планираното, како што беше потврдено на состанокот со сите највисоки претставници на земјите од ЕУ во петокот во Брисел.

Продлабочувањето на украинската криза се смета за тест за силата на односите меѓу Русија и Кина. Пекинг постојано ги отфрла американските извештаи за нивната вмешаност во украинската криза како „дезинформација“.