ЕУ го замрзна својот дигитален данок по притисок од САД


Џенет Јелен, министарка за финансии на САД, Кристин Лагард, претседателка на ЕЦБ, и Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија на средбата во Брисел

Европската комисија во понеделникот (12 јули) објави дека ќе го стави во мирување сопствениот предлог за дигитален данок во Европа со цел да се олесни глобалниот даночен договор. Дигиталниот данок, кој ќе влијаеше на американските технолошки гиганти, беше одложен по повеќекратните повици од Вашингтон до Европејците да ги откажат своите планови.

Предлогот се очекуваше на 20 јули, но портпаролот на Комисијата во понеделникот објави дека „решивме да ја одложиме нашата работа за нашата нова дигитална такса“. Европската комисија рече дека ќе ја преоцени ситуацијата наесен.

Одложувањето sine die  дојде кога американскаката министерка за финансии Џенет Јелен, беше во Брисел да се состане со високи претставници на ЕУ и со министрите за финансии на еврозоната (еврогрупата).

Комисијата објасни дека одлуката има за цел да го олесни завршувањето на глобалниот даночен договор неодамна постигнат во Организацијата за економска соработка и развој.

Пакетот предводен од ОЕЦД ќе постави глобална минимална даночна стапка од најмалку 15% и ќе го разјасни споделувањето на даночните приходи меѓу нациите за мултинационални компании кои остваруваат профит во земји без физичко присуство, особено големите дигитални компании.

Министрите за финансии на земјите од Г20 го одобрија глобалниот даночен договор во Венеција за време на викендот, иако деталите треба да бидат финализирани до октомври.

Покрај тоа, пакетот ќе бара одобрување од парламентот во секоја од 131 земја што ја поддржува иницијативата.

Јелен во Венеција рече дека „навистина зависи од Европската комисија и членките на ЕУ како да се постапи. Но, тие земји се согласија да избегнуваат ставање во сила во иднина и да ги демонтираат даноците што ги дискриминираат американските фирми “.

Комисијата изминатите недели тврдеше дека нејзиниот дигитален данок не е во спротивност со предлогот на ОЕЦД. Но, комесарот за економија, Паоло Џентилони, објасни дека институцијата одлучи да ја одложи својата иницијатива да се фокусира на „последната милја“ од глобалниот договор.

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц во понеделникот рече дека „најважниот чекор е да имаме глобален договор за минимален данок и дека исто така имаме договор за тоа како подобро да даночиме големи, високо-профитабилни компании, вклучително и глобалните дигитални гиганти“.

Меѓутоа, на глобалниот пакет се уште се спротивставуваат неколку европски земји, вклучувајќи ги Естонија, Унгарија и Ирска.

Се очекуваше Јелен да разговара во понеделникот попладне со Еврогрупата – неформална група на министри за финансии од еврозоната – за финансиските и економските односи ЕУ-САД и како двете страни би можеле да соработуваат за да се зацврсти закрепнувањето како резултат на пандемијата на Ковид-19.

Во подготвените забелешки пред нејзиниот состанок со министрите од еврозоната, Јелен ја повика Европа да прифати нови стимуланси за поттикнување на закрепнувањето.

„Одиме напред, важно е земјите-членки сериозно да размислат за дополнителни фискални мерки за да обезбедат силно домашно и глобално закрепнување“, рече Јелен.

Нејзините коментари дојдоа во пресрет на очекуваното одобрување на првите исплати за дванаесет земји-членки во рамките на фондот за обновување на ЕУ од 800 милијарди евра. (Според агенциите)