ЕУ го пофали напредокот во владеењето на правото во Македонија
Во заклучоците за проширувањето на министрите на ЕУ во делот за Македонија се поздравува напредокот во владеењето на правото во нашата држава.
„Советот го поздравува тоа што е постигнат напредок во областа на владеењето на правото, вклучително и борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и посветеноста на владата да го одржи и забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ. Одржливоста на овие структурни реформи е долгорочен процес, кој бара континуиран ангажман и од власта и од опозицијата. Советот ги охрабрува сите страни да продолжат да го продлабочуваат моменталниот реформски моментум и да го подобруваат конструктивниот дијалог“, стои во заклучоците.
Во областа на правосудството, Советот на ЕУ го поздравува тоа што е постигнат одреден напредок во имплементацијата на стратегијата за реформи во правосудството, со што дополнително се адресираат препораките од Венецијанската комисија и Групата на високи експерти за системски прашања за владеење на правото. Советот нагласува дека фокусот треба да биде ставен на континуирана имплементација на постоечките стратегии и закони и користење на алатките, кои се веќе поставени, во согласност со стандардите на ЕУ. Независноста, професионалноста и непристрасноста на судскиот систем треба да се обезбедат, надградувајќи го веќе постигнатиот напредок.
Советот ги забележува напорите за продолжување на борбата против корупцијата и организираниот криминал, вклучително и случаите на високо ниво. Советот ја нагласува важноста засегнатите институции да ги следат препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата, која беше особено проактивна во спречувањето на корупцијата. Советот ја повикува Македонија да продолжи со напорите за понатамошно зајакнување на слободата на изразување и безбедноста на новинарите.